„Анима Мунди“ реагира: Запрете ја забавата со измачување на коњите во Берово


Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ бара од надлежните институции да го запрат натпреварувањето во влечење трупци во Берово во кое учествуваат коњи. 
 
“Во петок во Берово ќе се одржи Штрапаријада, настан во кој коњите се натпреваруваат во влечење трупци кои тежат до неколку тони” – вака започнува разгласот за еден импровизиран и примитивен настан во кој се промовира мачење и малтретирање на една ранлива категорија на животни. Ова не е прв пат, и не се одржува единствено во Општина Берово. Неодамна имаше ист таков настан во Општината Сарај и истиот беше уредно пријавен од наша страна до Агенцијата за храна и ветеринарство  и за истото измачување не превзедоа ниту еден чекор да го спречат.
 
Иронијата во цела оваа трагична состојба во која се наоѓаат коњите во нашата држава е тоа што Агенцијата за храна и ветеринарство единствено е “гласна” на оваа тема кога треба да искористи финансиски средства од ИПА фондови за кревање на свеста во однос на измачувањето на коњите во форма на билборди, но по пријава за измачување на истите – ги нема никаде.
Дали и за спроведување на Законот за благосостојба на животните ви е потребна финансиска подршка од ЕУ?
 
Јавно ги повикуваме сите надлежни институции и Општината Берово да го спречат утрешниот и секој следен настан во кој се промовира мачење, матретирање на неухранети, болни и здрави животни од овој вид. Се повикуваме на Законот за благосостојба на животните во кој член 4 вели:“Во секој можен случај и под секакви околности, секој треба да дејствува на хуман и грижлив начин кон животните.На животните треба да им се обезбеди нормално однесување имајќи го во предвид видот, старосната категорија и нивните физиолошки и етолошки потреби. Забрането е присилување на животните на работа која го надминува нивниот физиолошки капацитет, здравствена или кондициона способност”. Со овој примитивизам и нехуман однос се прекршува секој член“, стои во реакцијата на „Анима Мунди“.