Ани Ерно е добитничка на Нобеловата награда за литература
Француската писателка , позната по своите навидум едноставни новели пишувани врз основа на нејзините лични искуства со класните и половите поделби, ја доби годинешната Нобелова награда за литература

Француската писателка Ани Ерно е годинашната добитничка на Нобеловата награда за литература.
Нобеловиот комитет на Шведската академија соопшти дека 82-годишната Ерно се наградува за „храброста и клиничката острина со која ги открива корените, оттуѓувањата и колективните ограничувања на личната меморија“.
Ерно ја почнала својата литературна кариера во 1974 година кога го објавила првиот роман. Најголем дел од нејзините дела се автобиографски. Набргу по објавувањето на првите дела се откажала од пишување романи и се посветила на мемоарите. Нејзините над 20 книги, повеќето многу кратки, ги прикажуваат настаните од нејзиниот живот и животите на оние околу неа. Тие прикажуваат бескомпромисни портрети на сексуални средби, абортус, болест и смрт на нејзините родители.
Нејзината најпозната книга е „Години“ (Les annees), објавена во 2008, во која се опишува себеси и поширокото француско општество од крајот на Втората светска војна до денес. За разлика од претходните книги, во „Години“, Ерно за себе пишува во трето лице, нарекувајќи го својот лик „таа“ наместо „јас“. Книгата доби бројни награди и почести.
Во Бугарија има преведено еден нејзин роман, нејзините романи „Годината“, „Настанот“, „Една жена“ се преведени на хрватски, сите објавени во последната година, а во Србија два романа во 90-тите.
Нобеловата награда се состои од медалја и парична сума од 10 милиони шведски круни (околу 900 илјади евра).
Минатата година, наградата ја доби писателот од Танзанија Абдулразак Гурнах, чија работа е фокусирана на страдањата на бегалците и прогонот, колонијализмот и расизмот.
Ерно е 17-та жена која ја добива престижната награда од вкупно 119 нобелови лауреати од почетокот на доделувањето на наградата во 1901 година.
Досега се доделени наградите за медицина, физика и хемија, а Нобеловата награда за мир за 2022 година ќе биде доделена утре, додека добитникот за економија ќе биде објавен на 10 октомври.