Анѓушев на Машински факултет: државата да одреди какви кадри и е потребно да се образоваат за да може да се развива


Не може сите млади да бидат ИТ инженери, бидејќи на државата и се потребни и архитекти, и градежници, и металурзи и технолози.

Вака проф. д-р Кочо Анѓушев се брати на дебатата на Машинскиот факултет во Скопје, по повод 20 години од Институтот за мехатроника.

„Мора да се земе предвид дека стопанството денес не е истото коешто беше пред 30 или 40 години. Индустријата има потреба од друг тип на кадри и одговори, и затоа и факултетите треба да продуцираат кадри на друг начин и со друг пристап, кој одговара на економијата денес.

Можеби е добро на факултет, уште после прва година, да се прави насочување на студентите во два правци: инженери кои сакаат да работат во академија, на факултет, во наука, и инженери кои сакаат да работат апликативно машинство, односно кои сакаат да работат во индустријата.

Така и двете групи подобро ќе се спремат за работните обврски во иднина.

Исто така, потребна е државна интервенција на пропишување на тоа колку студенти и каде да се запишат на факултетите, и тоа согласно потребите на државата и на општеството.

Сега се помалку има запишани студенти на градежен факултет, на архитектура, металургија технолошки факултет итн. Не може сите млади луѓе да бидат информатичари како што е сега мода и посакувана професија, бидејќи тоа не е одржливо, затоа што државата за да функционира има потреба од стручни кадри во сите сфери. Треба некој да гради и патишта, на пример, а денес не можете да најдете градежни инженери ни да вршат надзор на градбата на патишта.

Една држава не може да постои и да се развива без инженери во индустријата“, рече проф. д-р Кочо Анѓушев, сопственик и извршен директор на групацијата „Феро Инвест“ на панелот на Машинскиот факултет, на кој говореа и министерката за образование Весна Јаневска, ректорката на Унверзитетот Св Кирил и Методиј, Биљана Ангелова, и директорот на КОСТАЛ, Виктор Мизо.