Анѓушев: По Нова година цената на струјата ќе расте, потребно е да им се помогне на најранливите граѓани

Поранешниот вицепремиер за економски прашања во владата на Зоран Заев, познатиот стопанственик и универзитетски професор, Кочо Анѓушев, смета дека цената на струјата ќе расте и дека не треба да се надеваме таа на светските берзи да се врати на нивоата од околу 50 евра, како што беше во изминатиот период. Според него таа ќе се стабилизира некаде во опсегот од 100 до 150 евра за мегават, што пак, ќе значи дека крајната цена за потрошувачите секако ќе се зголеми.
„Ние како држава ќе ја делиме ценовната судбина на Европа. Политичка одлука е колку ќе се заштити, но може да се заштити до таму да не се уништи Електростопанство на Северна Македонија. Дури ЕСМ да дава електрична енергија и по нула денари, само увозната компонента, кога ќе се направи просек, таа повторно би била повисока од сегашната“, изјави Анѓушев за ТВ 24 во емисијата Студио 10.
„Не треба да сте многу голем визионер, до Нова година до кога цените се заштитени, се заштитени, потоа ќе ја делиме судбината на целиот свет и тука ние не можеме да бидеме исклучок од тоа“, изјави Анѓушев.
Во однос на влијанието кое ќе го имаат идните повисоки цен на струјата врз граѓаните, тој вели дека државата има други механизми, односно постојат пакети за енергетска сиромаштија.
„За тие што се најранливи категории граѓани, потребно е да се зголеми износот во буџетот за на тие луѓе да им се плаќаат сметките на струја. Во светот така се справуваат со овој проблем“, изјави Анѓушев за ТВ 24.