Ангеловски: Нашата економија не им овозможува доволно шанси на македонските компании да инвестираат


 Нашата економија не им овозможува доволно шанси на македонските компании да инвестираат. Ако станува збор за производство, не постојат доволно локации за изградба на индустриски капацитети, ако станува збор за енергетика, на приватниот сектор не му се дава адекватна шанса. Административни процедури се сложени. Нема волја да се најдат решенија, на важни позиции се наоѓаат лица без доволно капацитет за успешно менаџирање на процесите, смета претседателот на Сојузот на стопански комори (ССК), Трајан Ангеловски.

Како што вели Ангеловски во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент, владините мерки редовно се насочени кон гаснење на социјалниот пожар, а многу ретко кон вистинско решавање на проблемите или кон храбро влегување во суштински реформи кои на долг рок би донеле одреден бенефит. 

Претседателот на ССК порачува дека за успешно планирање и водење на бизнисите многу е важно да постои предвидливост. 

-Се наоѓаме во исклучително тешка позиција. Без предвидливост не може да се носат деловни одлуки кои ќе дадат позитивни резултати. Генерално, како држава, постојано доцниме со решенијата. Кога немате точни, конкретни решенија за актуелните проблеми, бизнисите се обидуваат да рационализираат за да обезбедат одржлив опстанок. Тоа значи дека нема инвестиции и развојна компонента која носи додадена вредност. Во приватниот сектор во нашата земја работат околу 700 000 луѓе. Кога тонат компаниите, тонат и сите овие луѓе и нивните семејства, а се доведува во прашање и обезбедувањето средства за функционирање на државните институции, истакнува Ангеловски.

Според него, скоро сите државни мерки што се преземени се таргетирани кон физичките лица.

-Многуте предлози што ние ги дававме беа наменети кон реформи на администрација, процедурите и непотребната бирократијата, но, за жал, најголемиот дел од нив не се имплементирани. Приватниот сектор кај нас постојано се наоѓа во некоја подредена позиција, иако тој е оној што обезбедува средства за да фунционираат државните институции и администрацијата. И кога ќе го земете предвид целиот контекст на работите, очекувано беше зголемувањето на платите на функционерите да предизвика огромно незадоволство. Јас лично сметам дека сите треба да имаат поголеми приходи зашто трошоците за живот се значајно зголемени, но мора да сме свесни дека тоа не може да се прави со администаривни одлуки, туку треба да фунционира според економската логика. Мора да се намали бројот на јавната администрација, да се воведе дигитализацијата и со ваквата рационализација да се обезбедат дополнителни средства за да се мотивираат администрацијата и фукционерите, објаснува претседателот на ССК. 

 

Став на Сојузот, нагласува Ангеловски, е дека државните институции пред сè треба да се фокусираат на намалување на  нерационалните трошења.

-Некои јавни претпријатија со години работат со милионски загуби без при тоа да се побара одговорност од менаџментите на овие компании и да се најде начин да се вратат средствата. И додека надлежните континуирано не преземаат мерки за да се спречи овој огромент одлив на средства од државниот буџет, се промовира нов систем на солидарност, кој на крајот го поставува прашањето – со што се солидаризираме со неоснованото трошење на државните пари? Не може да има солидарност со неефективното работење, бидејќи така се поддржува тој начин нафункционирање. Навистина сметаме дека постои огромен простор за рационализација, намалување на јавната администрација, дури сметаме дека постои можност и да се појават вишок средства, а не намалени, па да се продуцираат нови даноци за прибирање нови пари, оценува Ангеловски.