Ангажирани два полициски хеликоптера поради разгорување на пожарот кај Ајватовци
Поради разгорување на пожарот кај Ајватовци на два крака, два полициски хеликоптера се вклучени во гасење на пожарот кај Ајватовци, информира директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
Тој исто така вели дека на лице место гасат пожарникарите од скопската Противпожарна бригада но и доброволци од доброволното противпожарно друштво од Свети Николе, со поддршка на локалното население.
Ангелов претходно информираше дека пожарот е активен само на еден крак и останатите делови се изгаснати, но по разгорување на првиот крак ангажиран е полициски хеликоптер, а сега веќе и втор полициски хеликоптер по разгорувањето на пожарот на два крака.
-Едниот крак на пожарот е ставен под контрола. Вториот се движи кон манастирот каде дел од вегетацијата е изгорена од вчера. Нема опасност по населени места, рече директорот на ЦУК, Ангелов.
Претходно, тој рече дека на едниот крак дејствува ер трактор на ДЗС, а на вториот, полошиот крак, дејствуваат два хеликоптери на МВР.
„Со механизација е направено и забраздување, т.н пресеци за да се спречи ширењето на пожарот надвор од оваа линија. Тука има и доброволци од Свети Николе и локално население. Заедно ќе се обидеме да го спречиме огнот, да не може да продолжи нагоре, бидејќи ќе тргне во насока кон Куманово. Може да дојде до уште посериозни димензии“, изјави тој.
Жителите на Ајватовци се заблагодија за помошта од МВР и споделуваат снимки од дејството на полицискиот хеликоптер.
Пожарот избувна вчера и се гаснеше непрекинато во текот на целата ноќ. Утринава беше локализиран, но пред неполн час, повторно се разгоре.