Андреј Ковачев познавал друг Николоски, а не овој


 

Европратеникот од ГЕРБ и еден од петте квестори на Европскиот парламент, Андреј Ковачев, вели дека е зачуден од острата реторика против Бугарија на вицепремиерот и втор човек на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Ковачев во изјава за Бгнес рече дека во минатото разговарал многу пати со Александар Николоски, чии коментари ги запалија билатералните односи во последните денови.

„Многу пати сме имале разговори со него, со Никола Груевски, со Христијан Мицкоски, со актуелниот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски и со претходните министри за надворешни работи. Не говореа на овој начин. Николоски ми велеше дека ја познава историјата, дека знае сè, и затоа сум крајно изненаден. Ова е прекршување на Договорот за добрососедство и пријателство. Во него е запишано дека имаме заедничка историја. Научниците во мултидисциплинарната академска комисија мора да донесат одлуки и да им предложат на владите заеднички прослави, како и промени во учебниците за да се спречи говорот на омраза. За жал, овој говор на омраза сега доаѓа од самите претставници на властите. Многу е важно да се нагласи дека Бугарија не искористува предизборно оваа тема. Се обидуваат да кажат дека темата се покренува затоа што имало избори во Бугарија. Никој не ја покрена оваа тема додека не ја провоцираа Бугарија“

Ковачев вели дека вчера имало „битка со фотографии“ во Брисел. „ Мицкоски вчера беше во Брисел и му ја покажа фотографијата со претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска, на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи. На Вархеи му ги испратив фотографиите на Мицкоски со претседателот и премиерот на Хрватска. Во кој го нема македонското знаме, посетата беше официјална, но никој не правеше хистерија. А посетата на Силјановска на Софија беше неофицијална од аспект на протоколот“.

Бгнес пренесува и кус разговор со Филип Петровски од ВМРО-ДПМНЕ, но критичар на актуелното раководство. На прашањето како го оценува агресивното однесување Александар Николоски врз Бугарија, Петровски вели:

„Агресивниот однос на Николоски предизвика изненадување во многу кругови во Македонија. Тој е многу близок соработник на Мицкоски и тоа е договорено меѓу нив двајца. Диктираат во ВМРО-ДПМНЕ и многу погрешно прават. Мицкоски се обиде да се направи жртва во Брисел за евроинтеграциите. Сепак, во Брисел нема симпатии за ова. Преговорите се тоа што се. Рамката за преговори е јасна. Наместо непријателства, треба да се склопуваат пријателства. Воопшто не можам да го разберам форсирањето на односите со Белград и конфронтацијата со Софија“.

Петровски тврди дека „Мицкоски ги лаже Македонците. Својот став го изгради на лажната кампања дека треба да и кажеме ‘Не’ на Бугарија. Градењето на овој негативен став создава лажен впечаток дека се бори за македонските национални интереси. Неговата позиција е многу погрешна. Оваа партија се вика ВМРО (-ДПМНЕ). Историски, ВМРО делуваше и на територијата на денешна Бугарија. ВМРО треба да се користи како нешто што ги обединува двете земји, а не да ги дели. Мицкоски и компанија го користат ВМРО само за маркетиншки цели, но се псевдопатриоти. Не им е гајле за Македонија, не им е гајле за граѓаните, само сакаат да дојдат на власт, а сега да ја задржат. Имаат голема машина од веб-страници, радија, телевизии. Пропагандата е доведена до совршенство и за неа се даваат многу пари“.