Анализа: Ветерот и сонцето за прв пат произведоа 10 отсто од светската електрична енергија

Најбрзата транзиција кон енергијата на ветерот и сонцето е постигната во Холандија, Австралија и Виетнам


Во 2021 година, светот, користејќи ветер и сончева енергија, за прв пат произведе 10 отсто од електричната енергија на глобално ниво, покажа новата анализа. Педесет земји ширум светот добиваат повеќе од една десетина од енергијата од ветерот и сонцето, покажа истражувањето на Ембер, британскиот истражувачки центар за климатски промени и енергија, пишува Би-Би-Си.

Со закрепнувањето на светските економии од пандемијата на Ковид-19 во 2021 година, побарувачката за енергија се зголеми. Побарувачката за електрична енергија порасна со рекордна стапка, што доведе до зголемување на потребата за енергија од јаглен, која расте најбрзо од 1985 година.

Во текот на 2021 година, 38 проценти од електричната енергија во светот се произведуваше од ветер и сончева енергија и други чисти извори. За прв пат, турбините на ветер и соларните панели произведоа 10 проценти од вкупната енергија, а уделот на ветерот и сончевата енергија во производството на енергија е двојно зголемен од 2015 година, кога беше потпишан Парискиот договор за климата.

Најбрзата транзиција кон енергијата на ветерот и сонцето е постигната во Холандија, Австралија и Виетнам. Сите три земји во последните две години префрлија една десетина од нивната побарувачка на електрична енергија од фосилни горива на зелени извори.

„Холандија е одличен пример за земја на северната хемисфера која докажа дека не е само колку инсолација има за една година, туку е многу важна и ефикасна енергетска политика што ќе направи голема разлика кога станува збор за користење на соларна енергија“, рече портпаролката на Ембер, Хана Бродбент.

Виетнам, исто така, забележа спектакуларен раст. За само една година користењето на сончевата енергија е зголемено за повеќе од 300 проценти.

„Во случајот на Виетнам, направен е огромен чекор напред во соларното производство благодарение на средствата дадени на поединци и компании од страна на владата за производство на електрична енергија. Ова ги охрабри домаќинствата и комуналните претпријатија да користат повеќе соларна енергија“, рече Дејв Џонс, извршен директор на Ембер, додавајќи дека таквата политика резултирала со намалување на производството на јаглен и гас.

И покрај фактот што земјите како Данска денес добиваат повеќе од 50 отсто од својата електрична енергија од ветер и сончева енергија, и енергијата од јаглен доживеа значително зголемување во 2021 година.

Голем дел од зголемената побарувачка за електрична енергија во 2021 година беше задоволено со фосилни горива, при што електричната енергија од јаглен се зголеми за 9 проценти, што е најбрзо растечка стапка од 1985 година.

Најголем дел од зголемувањето на употребата на енергија од јаглен е забележано во азиските земји, особено Кина и Индија. Но, зголемувањето на потрошувачката на јаглен не беше во согласност со употребата на гас, која на глобално ниво се зголеми за само 1 процент, што покажува дека зголемувањето на цените на гасот го направи јагленот поодржлив извор на електрична енергија.

„Минатата година бевме сведоци на навистина исклучително висока цена на гасот, а јагленот стана поевтин од него“, рече Дејв Џонс. „Во моментов цените на бензинот низ Европа и поголемиот дел од Азија се 10 пати поскапи од истиот период минатата година, а јагленот е три пати поскап.

Џонс смета дека зголемувањето на цените на гасот и јагленот е „двојна причина електроенергетските системи да се вклучат во поголемо производство на чиста електрична енергија, имајќи предвид дека светската економија фундаментално се променила“.

Научниците велат дека и покрај оживувањето на потрошувачката на енергија на јаглен во 2021 година, целта на големите економии, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Германија и Канада, е да ги префрлат своите мрежи на 100 отсто електрична енергија во следните 15 години.

Зад оваа промена стои глобалната загриженост кога станува збор за одржување на пораст на глобалните температури под 1,5 степени Целзиусови овој век. За да се постигне оваа цел, научниците велат дека ветерот и сончевата енергија треба да растат за околу 20 проценти годишно до 2030 година, а авторите на најновата анализа сметаат дека тоа во моментов е апсолутно возможно.

Ветерната и сончевата енергија нудат решение за повеќекратните кризи со кои се соочува светот, без разлика дали се работи за климатска криза или зависност од фосилни горива. Хана Бродбент истакнува дека ова би можело да биде вистинска пресвртница.