Анализа на ЦЕА: Популизмот и клиентелизмот на локално ниво – за кои општини е вклучен алармот


Според трошењата на општините на специфични ставки, доспеаните неплатени обврски, степенот на транспарентност и учеството на граѓаните во креирањето на буџетот, општините во кои се покажаа индиции за присуство највисок степен на клиентелизам и популизам во 2019 година се Теарце, Демир Капија, Пехчево, Гевгелија, Брвеница, Зелениково, Арачиново, Чаир, Бутел, Долнени, додека во 2020 година покрај општините Теарце, Брвеница, Демир Капија, индиции за евентуален популизам постои и кај општините Неготино, Лозово, Струга, Студеничани, Сарај, Врапчиште, Ранковце.

Ова се вели во студијата „Популизмот и клиентелизмот во јавните расходи
на локално ниво: Индекс на рано предупредување за популизам и клиентелизам на Центарот на економски анализи (ЦЕА) објавена деновиве во која според спроведеното мерење, се посочуваат општините кои покажале висок степен на трошење на специфичните избрани расходи, општини кои имаат доспеани, а неплатени обврски, и ниско до средно ниво на буџетска транспарентност и вклученост на граѓаните во буџетскиот процес.
Како општини кои прикажале најмал сомнеж за нерационално трошење на јавните ресурси и најголема отвореност кон граѓаните во 2019 се издвојуваат општините Демир Хисар, Кратово, Желино, Чучер Сандево, Прилеп, Кочани, Валандово, Зрновци, Јегуновце, Чашка. Додека пак во 2020 година, општините кои имаат покажале најголема рационалност се Центар Жупа, Берово, Велес, Вевчани, Богданци, Зрновци, Прилеп, Карбинци, Битола, Кочани.


„Доколку се разгледува просечниот индекс по региони, ќе забележиме дека најголем степен на предупредување за популистичка и клиенелистичка политика во 2019 се води во Скопскиот регион, додека најнизок степен има во Пелагонискиот регион. Во 2020 година, има целосна промена во просечниот индекс на регионално ниво, па така, најмногу индициии зе висок степен на популизам има во Полошкиот регион, додека најмали во Источниот регион“, се вели во анализата на ЦЕА.

Индексот за рано предупредување за клиентелизам и популизам, кој се изготвува врз основа на утврдена методологија е поттикнат од социо-економската криза, која тешко би можело да се надмине доколку не и се пристапи системски и рационално, објаснуваат од ЦЕА.

Од таму потсетуваат дека на крајот од минатата година во анализата Популизмот и клиентелизмот во политичката економија на Северна Македонија, поттикна размислување и актуелизирање на темата популизам и клиентелизам, но понуди и платформа во неколку точки за кои е потребно да се изјаснат политичките партии.

„На локално ниво важно е да се земе во предвид дека ситуацијата е не помалку аларманта. Иако постои добра законска регулатива во законот за буџетите и законот за финансирање на ЕЛС сепак, тие не се почитуваат до крај, а и централната власт дополнително го поттикнува популизмот и клиентелизмот на локалната власт како и неетичкото однесување на избраните и именуваните функционери на локално ниво во ЕЛС и во комуналните претпријатија формирани од ЕЛС преку откуп на долговите на ЕЛС и комуналните претпријатија формирани од ЕЛС и преку непочитување на фискалните правила кои самата централната власт ги има донесено“, велат од ЦЕА.

Според овој економски институт, откупот на долгови на ЕЛС е инструмент кој води кон синдикализирање на трошоците од неодговорно работење на избрани и именувани функционери и кој води кон натамошно еродирање на правната држава.

„Во таа насока, укажуваме и на неодговорноста на Министерството за финансии, со непочитување на фискалното правило за буџетите на ЕЛС, кое тоа го воведе, сопствените приходи на основниот буџет на ЕЛС да се планираат со пораст од најмногу 10 отсто од просечно остварените приходи во последните три години. Имено, самата Влада во 2019 година го зголеми процентот на 30 отзсто, во 2021 на 50 оссто, а ЕЛС и денес продолжуваат со непроменети практики кои водат до повторно кумулирање на вакви обврски“, се вели во анализата.

Инаку, во дизајнирањето на методологијата за мерење на Индексот за рано
предупредување за клиентелизмот и популизмот на локално ниво беа опфатени
четири аспекти на кои им беше дадена иста тежина/пондер. Беа земени во предвид следните индикатори од кои произлегува индексот за рано предупредување на клиентелизмот и популизмот на локално ниво: трошење по специфични избрани ставки; индекс на фискална транспарентност; индекс на партиципативно буџетирање и доспеани неплатени обврски. (М.Ј.)