Анализа: Инфлацијата не се победува со популизам туку со структурни реформи и строга буџетска политика

Проекцијата од 2,7% инфлација за годинава станува се понеостварлива. Според последните податоци од Заводот за статистика во јуни годинава во споредба со истиот месец лани инфлацијата е зголемена за 4,8% а цените на мало се зголемиле за дури 5,3%, пишува Порталб.мк. Премиерот Мицкоски најави “непопуларни “ мерки за намалување на ценовниот притисок на долг рок.
Годинава повисока инфлација од проектираното ниво од 2,7%?
На годишна основа , во јуни во споредба со истиот месец лани, трошоците на живот за храна се зголемени за дури 6,8%, за мебел, покуќнина и одржување на домаќинство порастот е за 5,1%, за транспорт за 4,6% …
Од почетокот од годинава јуни не е единствен месец кога е измерена повисока стапка на инфлација од 3%. Според дел од економистите, владината прогноза за инфлација на ниво од 2,7% за годинава станува се понереална.
“Прогнозираната инфлација од 2,7% за годинава е сè повеќе нереална, токму затоа што државата се потпира на оптимистички сценарија наместо на реални структурни пресметки. Решението е во дисциплина и предвидливост: долгорочна стратегија која ќе ја намали несигурноста за бизнисите и граѓаните, наместо краткорочни популистички мерки. Само така инфлацијата може да се стабилизира на ниво што ќе овозможи одржлив економски раст“, вели за Порталб професорот, економист Абил Бауш.
Граѓаните се повеќе го чувствуваат ценовниот притисок – иако завршува сезоната на летното овошје и зеленчук, во продавниците цените се одржуваат на високо ниво, па така на пример лубеницата се продава и по 28 денари за килограм а праските и до 190 денари.
Од владата најава за “непопуларни“ мерки за стабилизирање на инфлацијата
Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека е подготвен да спроведе “болни“ мерки за стабилизација на инфлација на долг рок предизвика внимание во јавноста. Мицкоски оцени дека решението не е во замрзнување и ограничување на цени и на маржи.
“Свесни сме дека можеби ќе има политичка цена, но подобро на краток рок да ја платиме таа политичка цена, отколку граѓаните да ја платат на долг рок“ – изјави премиерот.
Според економистите, инфлацијата не се „зауздува„ со административни мерки. Дел од аналитичарите во најавата на премиерот за “болни “ промени препознаа корелација со промена во политиките за пораст на платите. Стабилизацијата на ценовниот притисок значи и промена на владините политики и навики за трошење, велат економистите.
“Стабилизацијата на инфлацијата не се постигнува со административни мерки, туку со комбинација од макроекономска дисциплина и структурни реформи. Прво, потребна е построга буџетска политика ограничување на тековните трошоци и насочување на јавните пари кон капитални инвестиции што ќе ја зголемат продуктивноста. Второ, монетарната политика треба да остане внимателна, со контрола врз кредитната експанзија и стабилен девизен курс. Трето, потребни се мерки за поддршка на домашното производство и енергетската стабилност, затоа што увозната зависност ја прави инфлацијата уште поранлива“ – вели професорот Бауш.
Растечката инфлација ја потврдија и од НБМ.
“Растот на цените произлегува од базичната инфлација и прехранбената компонента, коишто во најголем дел придонесуваат за забрзување на растот на цените“ – соопштија од Народната Банка.
Од страна на меѓународните финансиски институции беше посочувано дека порастот на платите но и на пензиите врши притисок врз инфлацијата. Како ќе заврши ценовната 2024 та допрва ќе видиме.
“Инфлацијата не се победува со популизам, туку со дисциплина и структурни реформи“ – вака професорот Бауш го завршува одговорот на нашето прашање , како да ја стабилизираме или зауздиме инфлацијата. (Порталб.мк)