Анагностопулу: Договорот од Преспа донесе помирување и стабилност на Балканот


Во регион на нестабилност, ревизионизам и конфронтации, Грција и Северна Македонија на Балканот одново ја донесоа догмата на стабилност, помирување и солидарност како и меѓусебна зависност, рече алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, Сиа Анагностопулу на брифингот со новинарите во однос активностите во нејзина надлежност во периодот февруари-јуни 2019, јави дописничката на МИА од Атина.

Говорејќи за Договорот од Преспа, алтернативната шефица на грчката дипломатија се осврна на позитивните аспекти и причините зошто смета дека решението меѓу двете земји е особено важен.

Рече дека станува збор за „патриотски договор“ што на мирен и на најдобар можен начин за грчките национални интереси затвора речиси 30-годишен проблем во регионот.

– Една друга причина зошто беше важен Договорот од Преспа е, гледајќи што се случува во нашиот регион, особено со Турција, земјата да има неконтролирана северна граница, односно да црна дупка, создаваше опасности за безбедноста на земјата, рече Анагностопулу.

Алтернативната шефица на грчката дипломатија, на брифингот со новинарите говореше и за прашањата што се во нејзина надлежност, а произлегуваат од Договорот од Преспа. Го спомена отворањето на двата нови гранични премини меѓу двете земји како „речиси 40 годишно барање на локалните заедници“.