Американски конгресмени бараат од Трамп да го стабилизира Балканот


Американски конгресмени на расправа во Претставничкиот дом на САД ја повикаа администрацијата на Доналд Трамп да се ангажира повеќе на Западен Балкан со цел да се стабилизира регионот, со оценки дека најголемата дестабилизација доаѓа од Русија преку Србија.

Македонија беше посочена како клучен НАТО-сојузник, чија стабилност е од витално значење за отпорноста на целото јужно крило на Алијансата. Макс Приморац, соработник во „Херитиџ“, порача дека Белата куќа треба да назначи политички амбасадори на Балканот кои ќе промовираат агенда фокусирана на бизнис, но и да бидат подготвени да користат визи, банкарски и други санкции заедно со комерцијални и инвестициски поттикнувања за да го извлечат регионот од рацете на Русија, Кина и Иран.

Како дел од овој комплексен и чувствителен безбедносен простор, Македонија беше посочена како клучен НАТО-сојузник чија стабилност е од витално значење за отпорноста на целото јужно крило на Алијансата. Во услови на зголемени геополитички тензии, деструктивни влијанија од Москва и Пекинг, нерешени односи меѓу Србија и Косово и продлабочени кризи во БиХ, конгресмените нагласија дека регионот е повторно ранлив и изложен на хибридни закани, пренесоа дел од медиумите во регионот.

Македонија, како една од трите држави кои веќе ги споделуваат товарот и обврските на членството во НАТО, беше истакната како пример за стратешко усогласување со западните партнери, но и како држава која останува директно засегната од секоја форма на дестабилизација во соседството. Во оваа рамка, дебатата во Конгресот отвори прашања за идната улога на САД на Балканот, потребата од зајакната дипломатска и безбедносна поддршка и приоритетите за одржување на мирот и европската перспектива на регионот.

Отворајќи го сослушувањето во пододборот за Европа, претседавачот, републиканскиот конгресмен, Кит Селф, оцени дека Западен Балкан, покрај Украина која е под руска инвазија, е „најнестабилниот регион во Европа“.

Тој констатира дека нерешените односи меѓу Србија и Косово се еден од главните двигатели на регионалната нестабилност, што ѝ овозможува на Русија да ја поткопува ЕУ и способноста на НАТО да ги зајакне балканските земји. Додаде и дека влошувањето на ситуацијата во Босна и Херцеговина довела до „експоненцијално зголемување на употребата на правно спорните бонски овластувања на високиот претставник“.Тој посочува и дека американските противници преку хибридна војна ја зголемуваат нестабилноста на регионот. Истакна дека Кина го користи своето влијание преку воени вежби и испраќање оружје во Србија и склучува економски договори низ регионот со цел да го одржи својот „малиген апарат“ и да ја искористи корупцијата на Западен Балкан.

Во однос на Русија, рече дека Москва влијае на порастот на тензиите во БиХ, Република Српска и Србија и нагласи дека за крај на политичкото влијание на Русија, мора да се реши зависноста на Србија од руските енергенси. И покрај предизвиците, Селф оцени дека сè уште постојат можности за подобрување на стабилноста, мирот и просперитетот на Западен Балкан, и дека американското лидерство мора да има значително влијание во одржувањето на стабилноста и во спречувањето на обновување на конфликтите. Тој ја поздрави администрацијата на Трамп за повторното ангажирање во овој „често занемарен регион“.
 
Вилијам Китинг, највисок рангиран член на Демократската партија во пододборот, го повика државниот секретар Марк Рубио да ја зајакне борбата против корупцијата и владеењето на правото во Србија, но и да му стави до знаење на Белград дека продлабочувањето на врските со Москва и Пекинг не е компатибилно со целта да стане дел од трансатлантската заедница.
 
Тој изрази уверување дека поголемото ангажирање на САД на Балканот ќе го приближи регионот кон членство во ЕУ и ја повика администрацијата на Трамп да ги увери сојузниците и партнерите дека ќе остане посветена на иднината на регионот.
 
Макс Приморац, соработник во Центарот „Маргарет Тачер“ при конзервативната Фондација „Херитиџ“, оцени дека „Балканот не е во добра состојба“ и наведе дека БиХ е „пропадната држава“ 30 години по потпишувањето на Дејтонскиот договор и милијардите американски долари потрошени на помош. Тој рече дека БиХ е „во трајна криза“ и дека е крајно време Стејт департментот да го прекине напорот за создавање централизирана држава доминирана од муслимани, што ја нарушува дејтонската гаранција на еднаквост меѓу трите народи и ги турка Србите кон сецесија.
 
Тој наведе дека лидерите во Србија „остануваат врзани за проруската агенда која предизвикува нестабилност“ во соседните земји, особено во Косово и Црна Гора, и им овозможува на Москва, Пекинг и на Техеран да го поткопуваат јужното крило на НАТО.
 

Лук Кофи, соработник во Центарот за Европа и Евроазија при институтот „Хадсон“, рече дека Русија го гледа Балканот како област за предизвикување нестабилност и за делење на трансатлантскиот сојуз, додека Србија останува помагач на Русија и служи како главно упориште на Москва во регионот.

– Иако САД не се балканска земја, тие можат да бидат балканска сила, а претседателот Трамп треба да преземе чекори за да обезбеди дека американските национални интереси таму ќе бидат заштитени, рече Кофи.

Едвард Џозеф, предавач и соработник во центарот за стратешки студии Мерил при Универзитетот „Џонс Хопкинс“, рече дека иако ниту еден актер – локален или меѓународен – не е целосно одговорен за упорните тензии и слабости на Западен Балкан, „еден предуслов за стабилност останува неисполнет: Србија да го прифати западниот поредок за регионот“. Патот кон трајна стабилност, според него, води преку Белград – не со молење на владата, туку со цврста рака и вистинско партнерство. Џозеф истакна дека САД можат да ги прекинат деструктивните односи меѓу Србија и Русија и Кина со решавање на застојот со Косово, а според него „конечниот одговор не е дијалогот што го води ЕУ, туку пат кон членство во НАТО за Приштина и Белград“.