Америка го стави на црната листа и Рамзан Кадиров, шефот на Чеченија


 

Американското Министерство за финансии го стави шефот на Чеченија, Рамзан Кадиров, неговите полнолетни ќерки, како и неговата сопруга и уште две жени, именувани како негови неофицијални сопруги, на списокот со санкции поради руската инвазија на Украина. Ова беше објавено на веб-страницата на министерството.

Санкционирани се возрасните ќерки на Кадиров, Аишат, Карина и Табарик, неговата сопруга Медни, како и Фатима Хазујева и Аминат Ахмадова, кои неофицијално се нарекуваа втора и трета сопруга на Кадиров. Во списокот со санкции се најде и братучедот на Кадиров, министерот за имотни и земјишни односи на Чеченија, Турпал-Али Ибрагимов.

„Чеченските единици поврзани со Кадиров дејствуваа во Буча, каде руските војници извршија злосторства и уништуваа куќи. Кадиров регрутира [луѓе] за да учествуваат во руските воени операции преку клубови за мешани боречки вештини, што му овозможува на него и на неговите единици да ги продолжат своите активности во Украина“, се вели во соопштението за печатот на американското Министерство за финансии.

На списокот со санкции се и претставници на рускиот финансиски систем: Владимир Комлев, шеф на платниот систем Мир, Виктор Жидков, шеф на Националниот депозитар за порамнување и Андреј Мелников, генерален директор на Агенцијата за осигурување на депозити.

Под санкции се и помошникот на рускиот претседател Максим Орешкин, комесарката за правата на децата во Руската Федерација Марија Лвова-Белова, претставниците на окупациската администрација на регионот Запорожје Владимир Рогов и Евгениј Балицки, екстремно десничарската група Русич која се бори во Украина.

Дополнително, Соединетите Држави воведоа забрана за обезбедување опрема и технологии за „квантно пресметување“ на Руската Федерација и ги вклучија руските структури поврзани со развојот во оваа област во списокот со санкции.