Америка ги обвини кинеските технолошки гиганти дека работат за кинеската војска


САД додадоа неколку кинески технолошки компании, вклучувајќи ги Tencent и CATL, на списокот на компании со кои тврдат дека соработуваат и работат за кинеската војска.

Овој список, познат како „Section 1260H“, служи и како предупредување за американските компании за потенцијалните ризици од водење бизнис со кинески субјекти, јавува Би-Би-Си.

Иако вклучувањето не носи итни санкции, тоа би можело да го зголеми притисокот врз Министерството за финансии да воведе ограничувања. Tencent, сопственик на популарната апликација WeChat и производителот на батерии CATL ги отфрлија наводите за врски со војската, нарекувајќи ја одлуката погрешна. Кинеската влада го нарече потегот на САД „неправедно задушување на кинеските компании“.

Списокот моментално вклучува 134 компании и се ажурира годишно како дел од американската стратегија за сузбивање на технолошката поддршка за воената индустрија на Кина. Американското Министерство за одбрана го ажурираше списокот под притисок на законодавците, особено откако Форд објави инвестиција од 2 милијарди долари за изградба на фабрика за батерии во Мичиген користејќи лиценцирана технологија на CATL.

Оваа одлука дополнително ги влошува и онака заладените односи меѓу САД и Кина, особено пред враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа. Трамп е познат по неговиот цврст став кон Пекинг, што дополнително ги зголемува очекувањата за уште поостри мерки.

Минатата година, производителите на дронови DJI и Hesai Technologies го тужеа Пентагон поради нивното вклучување на списокот, но тие остануваат на ажурираната листа. Веста имаше силно влијание на пазарот – акциите на Tencent паднаа за 7% во Хонг Конг, додека CATL паднаа за 4%.