Амбасадорката Дрекслер контра Мицкоски: Германија вложува пет пати повеќе во судството по глава на жител од Македонија


Петра Дрекслер

 

Германија вложува во правосудството пет пати повеќе по глава на жител од Македонија.

Вака на директен начин германската амбасадорка во земјава, Петра Дрекслер, одговори на тврдењата на премиерот Христијан Мицкоски дека земјава издвојува поголем процент од БДП за оваа намена од голем број земји членки на ЕУ, притоа споменувајќи ја Германија.

Во разговор за емисијата „360 степени“ на МРТ Дрекслер рече дека со загриженост ја следи дебатата во земјава за тоа колку треба да изнесува буџетот за правосудството која се отвори по објавувањето на извештајот на Европската комисија за Македонија. Во документот се констатира дека правосудството е финансиски зависно и под притисок на извршната и законодавната власт.

„Впечатокот што изминативе денови можеби се појави кај некого во државата е дека Германија инвестира во правосудството помалку од Северна Македонија. Тој впечаток е погрешен. Мора убаво да се погледнат бројките. Ако ги споредите податоците кои Европската комисија за ефикасноста на правосудството ги доби како резултат на испитувањето во 2022 г., ќе видите дека Германија уште во тоа време инвестирала во правосудството пет пати повеќе по глава на жител од Северна Македонија“, рече германската амбасадорка.

Знаеме оти мора да се земат предвид и фискално-политичките аспекти во преговорите за буџетот, додаде Дрекслер и порача:

„Ние како ЕУ ќе може да примиме само нови членки кои континуирано работат на тоа владеењето на правото да биде загарантирано”.

Премиерот Мицкоски неколку пати вели дека не гледа причина да се зголеми буџетот за судството, затоа што Македонија одвојувала од буџетот пари за правосудниот систем повеќе од 75 проценти од земји членки на ЕУ.

„Да речеме, ние издвојуваме 0,39 проценти од нашиот БДП во 2022, замислете во 2023 и 2024 година БДП многу повеќе порасна отколку во 2022, да речеме Франција е 0,2, Германија е 0,3 проценти од нивниот БДП, просекот европски е отприлика 0,3, медијаната е помала 0,21 проценти“, изјави премиерот.

Дрекслер изјави дека ја следи со „загриженост“ дебатата за зголемување на буџетот на судството. Мицкоски рече дека по цена и следниот извештај да биде критичен, тој не гледа причина за зголемување на буџетот.

„Ефикасно и независно правосудство што функционира е, во крајна линија, предуслов за сè понатаму. Ако тоа не е обезбедено, тогаш како држава нема да бидете конкурентни на внатрешниот пазар на ЕУ, нема да можете долгорочно да се докажете како дестинација за инвестиции и нема да можете да ги гарантирате основните права на сите граѓанки и граѓани. И токму поради тоа, владеењето на правото е темелот на Европската унија. Но, секако, ефикасноста на правосудството не се обезбедува само преку пари. А уште помалку станува збор исклучиво за платите на поединечните групи на професии, како судии, обвинители и други лица кои работат во правосудството. Но, ако дојдете до заклучок дека ефикасноста на правосудството не е загарантирана, тогаш крајниот заклучок не може да гласи ‘инвестиравме премногу, сега треба да инвестираме помалку во правосудството’. На овој начин нема да успеете да ја обезбедите ефикасноста на правосудството. Во Германија знаеме дека мораме и понатаму да инвестираме во правосудството, за нашата правна држава да остане силна. Токму поради тоа, сојузната влада ова лето донесе нова верзија на ‘Пактот за правната држава’ и во следните четири години ќе одвоиме дополнителни половина милијарда евра, за да ги поддржиме сојузните покраини, за нови работни места во јавните обвинителства, во судовите, онаму каде што се потребни, за да се инвестира во модернизација на инфраструктурата и да се овозможи дигитализација. Ова е централно прашање“, рече амбасадорката Дрекслер во интервју за „360 степени“.