Амбасадорите на петте моќни земји во ОБСЕ на средба со Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија, Килијан Вал, и амбасадорите при мисијата на ОБСЕ на САД, Мајкл Карпентер, на Велика Британија, Неил Буш, на Германија, Геса Браутигам, на Италија, Стефано Балди и на Франција, Кристин Фаж. На средбата присуствуваше и амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер.
Пендаровски и амбасадорите разменија мислења за актуелните состојби и случувања во Европа и регионот, како и за приоритетите на македонското претседавање со ОБСЕ. Соговорниците разменија информации за улогата на ОБСЕ во контекст на руската инвазија врз Украина и неодложната потреба за обнова на мирот и стабилноста и спречување на натамошни конфликти, стои во соопштението на Кабинетот на претседателот.
Претседателот посочи дека Северна Македонија е целосно подготвена да ја преземе одговорноста и да се соочи со сите предизвици.