Амбасадата во Москва речиси празна, кого ќе протера Русија?


Празна страница – вака изгледа делот од сајтот на Министерството за надворешни работи на кој треба да стои листа на пресоналот во нашата амбасада во Русија. Откако нашата Влада реши да протера еден руски дипломат поради недозволени активности во земјата, очекувањата се истото тоа да го стори и официјална Москва, од која сѐ уште нема реакција на ваквиот потег на прва европска земја што протерала руски дипломат со асоцијација за шпионажа, а не е членка на Европската унија.

Вака како што стојат работите Москва има тешка задача, бидејќи за да протера треба да има некој во амбасадата што има таква тежина која ќе кореспондира со одлуката на Македонија. 

Во моментов, како што е познато, Македонија воопшто нема амбасадор во Москва и таквата состојба трае од 2019 година кога си замина последниот амбасадор Гоце Карајанов. Фигуративно кажано, нашата држава сама си се протерала од Русија и не прави ништо сериозно да се поправи таквата состојба.

За иден амбасадор на Македонија во Москва беше именуван Ненад Колев, кој во моментот на именувањето беше актуeлен амбасадор на Македонија во Австрија и, како што стојат работите – не му се брза да си замине од Виена, иако има агреман да служи во друга држава.

Ненад Колев му ги предава акредитивните писма на претседателот на Австрија, Александар ван дер Белен, во 2019 година

Колев е амбасадор во Австрија од март 2019 година, а во април годинава излезе информација дека ги поминал процедурите за служење во Русија и само треба да се појави пред собраниската Комисија за надворешна политика. Зошто тоа не се случува и зошто сѐ уште амбасадорува во друга држава, не е јасно во моментов.

Поради тоа на Москва ѝ преостанува да ја игнорира македонската одлука за протерување или да возврати со протерување на еден од двата дипломати со многу низок профил што сега работат во амбасадата во Русија. Среќа за Русија што ги има и нив, зошто ќе требаше да ни ја протераат хигиеничарката, ако не е локален персонал. (Н.В.)