„Амазон“ ги поставува првите 27 интернет-сателити во Вселената

Американската технолошка компанија „Амазон“ ја лансираше својата прва серија интернет-сателити во Вселената, со што почна со своите напори за изградба на мрежа – конкурентска на „Старлинк“ на Илон Маск и „Спејс-Икс“. Новите сателити се дел од проектот „Кајпер“, а целта на „Амазон“ е да се распоредат околу 3.200 сателити следните неколку години, заради интернет-покриеност насекаде ширум светот, објави ДПА.
Ракетата „Атлас V“ понесе 27 сателити во Земјината Орбита, полетувајќи од Кејп Канаверал, Флорида, САД. Летот следеше по одложувањето претходно овој месец, поради лошите временски услови.
„Амазон“, основана од Џеф Безос, обезбеди десетици идни лансирања ракети – доставувачи, за да ги исполни регулаторните барања. Според својата лиценца за работа, компанијата мора да распореди најмалку 1.600 „Кајпер“ сателити до средината на 2026 година.
Мрежата „Старлинк“ веќе управува со околу 7.000 сателити и доминира во областа на сателитски интернет. Но, аналитичарите велат дека има простор за конкуренција, бидејќи авиокомпаниите, телекомуникациските оператори и потрошувачите бараат алтернативи, особено во оддалечените подрачја, каде што градењето вообичаена инфраструктура е скапо или непрактично.