Алтернатива предлага социјални ваучери на место замрзнување на цените


Фото: Б. Грданоски

Политичката партија Алтернатива предлага доделување социјални ваучери на загрозените категории граѓани како мерка за справување со високите цени, наместо замрзнување на цените на производите. 

Во соопштение до медиумите од Алтернатива велат дека Владата со погрешни политики овозможила да се создадат екстремно високи цени на прехранбените производи.

„За споредба, додека во Европа имаме пораст од само 11 отсто, во Северна Македонија растот на овие производи е 46 отсто. Освен ова, цените на нафтените деривати се веќе
највисоки во регионот, имаме поскапување на електричната енергија, а платите и понатаму се најниските во регионот, со што сериозно се оптоварува животот на граѓаните“, се вели во соопштението до медиумите.

Според Алтернатива, оваа лоша состојба не се ублажува ниту со замрзнување на цените на прехранбените производи, која е популистичка мерка за изборни ефекти и не го дава вистинскиот ефект.

„Ова е привремено решение, кое не помага за растот на економијата, а сериозно ја оштетува прехранбената индустрија и, како резултат на тоа, можеме да имаме и недостиг од прехранбени производи, намалување на производствените капацитети и намалување на работните места. На овој начин ќе имаме пораст на увозот на производите, со што ќе се создаде монопол на некои компании поврзани со власта, кои и во услови на криза ќе имаат корист на сметка на граѓаните“, посочуваат од Алтернатива.

Од таму додават дека анализите со кои располагаат говорат дека од мерката „замрзнување на прехранбените производи“ заштедите достигнуваат до 1.500 ден, што е далеку од потребата на месечната потрошувачка кошничка.

Оттука, Алтернатива смета дека во ова време на економска криза и сиромаштија, итно
решение е финансиската помош при распределба на социјалните купони (ваучери) за социјално ранливите групи, категориите на граѓаните со ниски примања и пензионерите, но овој износ не смее да биде помал од 30 отсто од минималната плата.