Александар Николоски во Луксембург помагал за датум за преговори
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, денеска во Луксембург каде што се одржа Советот за општи работи на ЕУ, оствари средби со министерот за надворешни работи и трговија на Република Унгарија, Петер Сијарто, министерот за надворешни и европски прашања на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман и претставници од Европската комисија каде што се разговараше за стратешките определби на Република Македонија.
-Денеска решив да дојдам во Луксембург каде што се одлучува за тоа дали Македонија ќе почне преговори за членство со Европската унија. Решив да дојдам тука како потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, но и како претседател на Националниот совет за евроинтеграции. За да дадам поддршка на почетокот на преговори на Македонија со Европската унија, вели Николоски.
Тој додава дека за жал гледаме дека Бугарија повторно реши да блокира, но исто така гледаме дека политиките коишто ги води владата на Заев пред се во делот на справувањето со корупција коешто не се случува, владеењето на правото коешто го нема и економското тонење исто така влијаат врз одлуката за почеток на преговори којашто за жал не се случи.
-Јас денес тука имам средби со министри за надворешни работи на земји членки на Европската унија, како и со други официјални лица од Европската унија. Решив самоиницијативно да дојдам за да дадам поддршка, но во исто време да кажам на сите тука дека ние зборуваме македонски јазик, ние сме Македонци, ние сме горди на нашата култура, традиција и историја, и така и ќе остане, a тоа го знае цела Европа. Би сакал да видам дека тука е и Владата и власта, но за жал ги нема. Не го видов тука ни премиерот, ни министерот за надворешни работи, ниту вицепремиерот за европски прашања. Можат да речат дека не се поканети – и јас не бев поканет, но дојдов. Битката за Македонија се води таму кадешто се носат одлуките. За жал денес власта во Македонија не е присутна во Луксембург да се бори за Македонија, повеќе ги интересираат личните интереси, отколку битката за Македонија, истакнува Николоски.
Се надева дека со овој негов скромен придонес и со средбите кои ги имаше со бројните министри и европски службеници успеа да и помогне на Македонија.
-И се надевам дека во скоро време Македонија ќе добие датум за почеток на преговори со Европската унија, затоа што тоа го заслужуваат граѓаните на Македонија, не Заев, вели тој.