Александар Николоски тврди дека имал „крт“ во СДСМ
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, тврди дека информациите за, како што тврдат, криминалот и рекетот во РЕК „Битола“ ги добиле од член на највисокото раководство на владејачкиот СДСМ. Тој и порача на власта да престане да ги гони лицата за кои мисли дека ги дале информациите, алудирајќи на неодамнешните претреси во домови во домовите и работните места на тројца полициски службеници, кои беа повикани на разговор во полициска станица.
„Наместо да ги гонат оние коишто наводно ги дале информациите треба да ги гонат тие што довеле да има ваков рекет од 250 000 евра, а не вака срамно да се однесуваат и да гонат луѓе, Ќе им помогнам на начин што ексклузивно ќе кажам дека информациите до ВМРО ДПМНЕ не стигнаа од вработени во МВР, ниту од инспектори кои гонат организиран криминал и корупција, туку стигнаа од еден високо позициониран член на највисокото раководство на СДСМ којшто заради законот за заштита на укажувачи односно свиркачи не можам да го споменам со име и презиме“,изјави Николоски од Охрид.
Тој тврди дека ВМРО-ДПМНЕ во моментов поседува бројна документација и за други афери и скандали од коруптивен карактер и најавува дека ќе ги изнесат во наредниот период. И тие, вели Николоски, се добиени од лица во врвот на СДСМ.
За случајот со РЕК „Битола“ во средата партискиот лидер Христијан Мицкоски одржа брифинг со новинарите. Случајот, според него, е од 2018 година, кога на сопствениците на битолската фирма „Рубитон“, која имала добиено тендер за ископ на јаглен, им пристапил тогашниот директорот на РЕК, Васко Ковачевски, барајќи од нив да се откажат од тендерот за сметка на фирмата „СВ инвест“. Откако ова барање било одбиено, зашто, како што објасниле од „Рубитон“, тоа правно било неизведливо, Ковачевски понудил друга опција – да платат 250 000 евра, во кеш, за да можат да продолжат непречено да ја извршуваат работата според договорот утврден со добиениот тендер. Ако сопствениците на „Рубитон“ не сакале нему да му ја дадат сумата, тогаш предложил парите да ги однесат во Струмица кај лицето Вице Н.
Случајот бил пријавен во БЈБ и било составено известување кое на 27 февруари 2020 година, во времето на техничката влада во која партиципира и ВМРО-ДПМНЕ, е пратено до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Но, како што велат од опозициската партија, постојат две верзии на известувањето. Во првата стоел делот со Вице Н., додека во втората Вице Н. бил изоставен. Ваквите наводи ги демантираа и Вице Заев и РЕК „Битола“, а реагираше и СДСМ и функционери од владејачката партија.