Џокси, Дац и Александар со нова верзија на „На Велигден сум се заљубил“ (видео)


Со огромна почит кон музичкото наследство и во духот на претстојните празници, Џина Папас Џокси, Драган Спасов Дац и Александар Митевски ја претставуваат новата верзија на легендарната песна „На Велигден сум се заљубил“.

 

Оваа преработка доаѓа како музичка честитка за Велигденските празници, носејќи свежа енергија и современ звук, а притоа задржувајќи ја препознатливата емоција на оригиналот. Проектот е реализиран со многу внимание и љубов од креативниот тим, со цел песната повторно да допре до публиката – и кај постарите генерации, но и кај младата публика.

Идејата за соработка меѓу овие тројца уметници постоела со години, а токму овој празничен период бил вистинскиот момент таа да се реализира.

Во новата верзија, вокалите ги изведуваат Џокси, Александар Митевски и Дац, додека продукцијата ја потпишува Александар Митевски. Дополнителната строфа е дело на Огнен Неделковски, со што песната добива нова димензија, но останува верна на својата оригинална емоција.

Оригиналната композиција „На Велигден (На Велигден сум се заљубил)“ датира од 1991 година и претставува авторско дело на Џина Папас Џокси, која ги потпишува и музиката и текстот. Аранжманот на оригиналната верзија е на Тоше Поп Симонов.

Промоцијата на новата верзија ќе кулминира вечерва на настанот „Градски приказни“, во Трибека Парк, каде Џокси ќе настапи како специјален гостин заедно со Дац и Александар. Публиката ќе има можност во живо да ја слушне оваа изведба, која веќе предизвикува голем интерес.

Новата верзија претставува спој на традицијата и современиот музички израз, со јасна порака – љубовта и музиката остануваат вечни вредности, особено во предвечерието на големиот христијански празник Велигден.