Албин Курти внесе раздор во албанскиот блок, ДУИ гневни и бесни
Изјавата на косовскиот премиер за Законот за јазиците Бујар Османи ја оцени како „скандалозна и многу штетна“
Прво се обиде платформите на Самоопределување да ги инсталира во Македонија. Сега со изјавата околу Законот за јазиците косовскиот премиер Албин Курти ја доведе до вриење и така вжештената атмосфера меѓу политичките експоненти во албанскиот блок. За македонскиот политички блок во власта тоа беше неочекуван подарок од неочекувано место пред долгоочекуваната одлука на Уставниот суд за Законот за јазиците.
По седницата на двете влади во Приштина Курти рече:
„Во Северна Македонија нема закон за употреба на албанскиот јазик ниту, пак, имало во минатото. Постои Закон за употреба на јазиците што го говорат најмалку 20 отсто од граѓаните. А, тоа не е закон за албанскиот јазик, туку Закон за употреба на јазиците“, рече Курти на прес-конференција и формално-правно беше во право.
И дополни:
„Ова прашање е на Уставниот суд во Северна Македонија. Три одредби од Законот за употреба на јазиците се доставени до Венецијанската комисија. Тие три одредби, парадоксално, никогаш не се применети во минатото. Сега Уставниот суд тоа треба да го оцени“, рече Курти. Според него, треба да се почека одлуката на Уставниот суд, кој вели дека нема да направи ниту исклучување ниту дискриминација и го почитува повеќејазичниот карактер во земјата.
„Во Косово, иако Албанци се 93 отсто, а четири отсто е српско население, српскиот јазик е службен јазик. Но, во Северна Македонија не може да се каже дека албанскиот јазик е службен официјален јазик и сега е под закана“, вели косовскиот премиер.
Оваа изјава на Курти беше најсолената сол што можеше да се додаде на раната на ДУИ, која уште гнои затоа што не влезе во владата. Поранешниот шеф на дипломатијата и потпретседател на партијата, Бујар Османи, изјавата ја нарече „скандалозна“.
Тој во гостување на косовската телевизија Дукаѓини рече дека таа била охрабрувачка за оние кои сакаат да го доведат во прашање Охридскиот договор.
„Изјавата на Курти за јазиците беше скандалозна, многу штетна и охрабрувачка за сите оние кои сакаат да го уништат Охридскиот договор, особено неговата поента, албанскиот јазик. Последново е едно од прашањата регулирани со измената на Уставот по Охридскиот договор во 2001 година. 15 години не можеме да најдеме правилен компромис за негово правилно толкување во Охридскиот договор. Македонската страна смета дека Охридскиот договор го предвидува албанскиот јазик само во општините каде Албанците се над 20 отсто. Од наша страна велиме дека албанскиот јазик на сите нивоа на државата е еднаков со македонскиот јазик. По 15 години го постигнавме тоа. Законот за употреба на јазиците, во член 1, вели дека службен јазик во државата е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Исто така, јазикот што го зборуваат над 20 отсто (албанскиот) е официјален јазик“, вели Османи.
Тој тврди дека средбата на двете влади била, всушност, легитимација на антиалбанската политика што се спроведувала во Македонија во последните четири месеци.
„Мислев дека оваа заедничка средба ќе биде искористена за да се испрати порака до владата на Северна Македонија дека и Косово е заинтересирано да не се деградира позицијата на Албанците во РС Македонија, бидејќи функционалноста на мултиетничката демократија е основа за стабилна и просперитетна Македонија. Ваква порака не слушнавме“, кажа Османи.
Вчеравечер и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на средба со граѓани и поддржувачи на ДУИ во скопски Бутел упати порака до сите политички фактори, во и надвор од државата, дека албанскиот јазик во Северна Македонија е официјален и ќе го бранат со целото свое битие.
„Охридскиот договор е постигнат со маченичка крв и оживеан од најдобрите борци на ОВК кои го продолжија својот идеал во ДУИ. Додека е ДУИ жива, во опозиција или на позиција, нема да дозволиме да бидат допрени темелите на Охридскиот договор“, рекол Ахмети, се наведува во соопштението на партијата на Фесјбук.
За министерот за здравство Арбен Таравари изјавата на Курти била „коректна“. Во во гостување на косовската телевизија Коха, тој додаде дека била стратешка грешка што досега не била отстранета формулацијата 20 проценти во Уставот, за што го обвини лидерот на ДУИ.