Албанските владејачки социјалисти побараа истрага за Бериша


Албанските владејачки социјалисти  го повикаа Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција, СПАК, да почне истрага против Сали Бериша.
 
Генералниот секретар на партијата и координатор на пратеничката група Таулант Бала денеска изјави дека тоа го засноваат врз докази според кои ” граѓанинот Бериша е прогласен за непожелна личност од страна на САД поради вмешаност во корупција на високо ниво”.
 
– СПАК мора да даде одговор на ова прашање, придружувајќи го со официјалното барање што мора да го испрати до САД. Неприфатливо е во сојузничка земја Бериша да е прогласен за нон грата за корупција, а во Албанија тоа да не е придружено со длабоки истраги. Не слушнавме ништо за аферата ЧЕЗ и Грдец, рече Бала.
 
Тој додаде дека веќе има доставено пријава до СПАК и за договорот за приватизацијата на Електродистрибуција на чешки “ЧЕЗ”, што потоа беше поништен и за спортскиот комплекс”Партизан”.
 
– Ја почитуваме независноста на правосудниот систем и на СПАК. Изјавите на политичарите не се поврзани со нарушување на независноста. Точно е дека по многу инсистирање дадов изјави и од тој момент разбрав дека барем за комплексот Партизани ја прифатиле мојата изјава, додаде тој.
 
На почетокот на мај премиерот Еди Рама, во обраќање на седница на Собранието на неговата Социјалистичка партија, го нападна СПАК, велејќи дека на оваа институција и истекува времето за да ги истражи Сали Бериша, Илир Мета, судии и обвинители.
 

Тој рече дека СПАК го истражувало судијата од Врховниот суд Дворани, но ги ослободил оние кои “имаат вили и кои го оцрниле образот на Албанија со голема корупција”.

Го спомена поранешниот албански претседател и експремиер Сали Бериша, нарекувајќи го „голем нон грата“ и тогашниот шеф на државата Илир Мета „кого цела Албанија сака да го види пред СПАК“.

СПАК веќе почна истрага против Мета за нелегално лобирање вредно 700 илјади долари, во време кога беше спикер на албанскиот Парламент, за да си обезбеди фотографирање на инаугурацијата на Доналд Трамп за претседател на САД.