Албанија официјално се приклучи кон СЕПА

Албанија од денеска и практично стана дел од Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) со што граѓаните и компаниите ќе можат да вршат плаќања во евра на ист начин како и во земјите во ЕУ.
Церемонијата на претставување на првата трансакција во СЕПА на Албанија се одржа во просториите на Централна банка на Албанија, на која гувернерот Гент Сејко рече дека „овој историски момент е резултат на структуриран процес“.
– Денеска е посебен ден за нас бидејќи сме сведоци на историски момент за албанскиот финансиски пазар, започнувањето на првата трансакција во евра преку Единствената зона за плаќања во евра наречена СЕПА. Ова не е само технички развој во платните системи, туку е камен-темелник на патот на Албанија кон интеграција во европската финансиска инфраструктура, додаде Сејко.
Тој рече дека во моментов 11 банки што работат во Република Албанија се подготвени да понудат услуги на СЕПА на граѓаните и бизнисите во Албанија.
Сејко нагласи дека префрлањето пари од Албанија во земјите-членки на СЕПА ќе чини до петпати помалку од порано и ќе има побрзи трансакции.
Амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија во Албанија, Силвио Гонзато, нагласи дека ова е опипливо достигнување за албанските граѓани.
– Ова достигнување е резултат на долг и предизвикувачки процес, кој бараше заеднички напори и посветеност, како од банкарскиот сектор, така и од албанските власти за исполнување на стандардите и барањата на Европскиот совет за плаќања, рече Гонзато.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, исто така реагираше на ова прашање, кој на социјалните мрежи напиша дека од денеска албанските граѓани и бизнисмени можат да вршат трансфери во евра со земјите од ЕУ со многу пониски провизии и со исти правила како во ЕУ.
Албанија сега е полноправна членка на СЕПА и Албанците ќе плаќаат исти провизии за трансфери во земјата. Според процената на Банката на Албанија, само во првата година се очекува заштеда од околу 20 милиони евра годишно за албанските граѓани и бизниси, напиша Рама.
Албанија аплицираше за приклучување кон СЕПА во јуни 2024 година, а членка стана во ноември истата година.