Албанија ќе направи неверојатна промоција за себе со трите уводни етапи на Џиро д’Италија
Албанија забрзано се поставува како дестинација во Европа. Трите уводни етапи на Џирото ќе бидат гледани од 800 милиони гледачи низ целиот свет. Подобра презентација за една мала земја тешко дека може да се направи
Само добри работи се случуваат за Албанија последниве месеци од годинава. Во Брисел минатата недела се одржа уште една меѓувладина конференција со ЕУ на која беше отворен вториот кластер од преговорите, по првиот во октомври.
Објавувањето на неочекуваната и изненадувачка вест дека големата велосипедска трка Џиро д’Италија 2025 ќе ја има својата Grande Partenza, што значи уводната етапа во Албанија има капацитет да направи далеку повеќе за меѓународната промоција на земјата отколку сите пропагандни туристички и политички брошури и изјави.
Џиро д’Италија заедно со Тур де Франс се двете митски велосипедски трки (плус шпанската Вуелта) на кои се докажува грандиозната издржливост, знаење и професионализам на спортистите.
Во исто време, поради начинот на кој се пренесуваат трките (вклучувајќи и снимање од хеликоптери) тоа е можност за презентација на убавините земјата на начин и време на којшто во други прилики не е можен.
На тоа треба да се додаде дека Џиро д’Италија, кој има 114-годишна традиција, преку 200 телевизиски станици кои ја пренесуваат во живо трката им е достапен на 800 милиони гледачи низ целиот свет. Што значи дека многумина можеби за прв пат ќе дознаат нешто за Албанија и ќе бидат поттикнати да ја посетат земјата
Албанскиот премиер Еди Рама на меѓувладината конференција со ЕУ на која беше отворен вториот кластер, беше инспиративен:
„Нашиот марш продолжува. Тука сме да направиме важен чекор и да отвориме ново групно поглавје, кое е важно за нашиот план. Тоа е затоа што се работи според планот. Мора да продолжиме понатаму“.
Очигледно, во рамките на тој план за европски печат на Албанија била и одлуката на организаторите на Џирото трите уводни етапи од 9-11 мај да бидат во Албанија.
„Секогаш сум велел: Албанија е мала Италија. Со таквиот почеток на трката ние навистина сме Италија преку брегот која пречекува настан кој не е само спортски, туку и популарен“, рече албанскиот премиер Еди Рама на прес-конференција во понеделникот заедно со организаторите. „Три дена ќе има толку многу шампиони и пријатели во нашата земја“, рече Еди Рама на прес-конференцијата во понеделникот кога беше објавено дека Grande Partenza ќе биде во Албанија.
И додаде:
„Ова е значаен момент во светот на спортот и имаме привилегија да го споделиме со сите вас. Ова е исклучителна можност да ја прикажеме нашата прекрасна земја пред 800 милиони гледачи ширум светот. Навистина сум воодушевен што три дена во Тирана, Драч и Валона ќе бидеме домаќини на толку многу шампиони кои ќе ни гостуваат, а за кои ќе се зборува низ целиот свет, заедно со Албанија. Ќе бидеме домаќини на настан кој не е само спортски настан, туку голема популарна прослава каде што сите се вклучуваат. За нас ова е прв пат, а се надевам не последен“.
Еди Рама е целосно во право. Албанија бележи значително зголемување на бројот на западни и други странски туристи во последните две години, достигнувајќи повеќе од 10 милиони во 2024 година. Поради Џирото сигурно е дека тој број во 2025 ќе се зголеми, особено од регионот. Се разбира и од Македонија, затоа што илјадници и илјадници луѓе (вљубеници во овој спорт) ќе сакаат да ги видат најиздржливите спортисти на планетава во неверојатно напорната тринеделна трка.
Прославениот велосипедски шампион, Италијанецот Винченцо Нибали, на прес-конференцијата изјави:
„Секоја Grande Partenza од странство е извонредна можност да се донесе велосипедизмот на нови територии, поврзувајќи ги навивачите и заедниците со овој прекрасен спорт. Доживеав неколку од прва рака, но најспецијалната, без сомнение, беше во 2016 година, кога ја постигнав втората победа. Таа година, трката започна во Холандија, каде што возевме низ неверојатни гужви. Ова искуство ме натера да ја сфатам уникатната меѓународна вредност на Џиро. Трасата во 2025 година изгледа предизвикувачка од самиот почеток и ветува голем спектакл – не само поради природата на етапите во Албанија, туку и затоа што големите конкуренти ќе мора да останат на фронтот уште од самиот почеток за да избегнат губење драгоцено време“.
Првата етапа на Џиро ќе започне во пристанишниот град Драч и ќе заврши во Тирана по ридската патека од 164 километри. Тирана ќе биде домаќин на индивидуален хронометар од 13,7 километри за етапата 2, а потоа етапата 3 ќе биде уште еден ридски крак од 160 километри, почнувајќи и завршувајќи во крајбрежниот град Валона, кој е директно преку Јадранот спроти италијанскиот регион Пуља, каде што трката ќе продолжи на 13 мај по ден за одмор.
Најавата доаѓа во време кога програмата на италијанската премиерка Џорџа Мелони за проверка на барателите на азил надвор од границите на Европската унија во Албанија се соочува со правни предизвици.
Албанија работи на секој начин за промоција на земјата, веќе влезе во ритам на отворањето на поглавјата со ЕУ, а Македонија не само што беше одвоена од неа на патот кон Унијата, туку е заглавена во ќор-сокак додека македонскиот премиер им ги објаснува на европските политичари тезите зошто било опасно за Македонија да ги направи уставните измени без да ѝ бидат дадени гаранции за понатаму.
Како и да е, во мај илјадници луѓе од Македонија ќе се наредат на ридските патишта околу Валона и на улиците на Тирана за да ги гледаат храбрите велосипедисти и да ја прават заедно со другите онаа препознатлива бучава за храбрење. (Н.В.)