Ал Сиси, Христодулидис и Мицотакис ги потврдија и повторија стратешките односи меѓу Египет, Грција и Кипар
Стратешките односи меѓу трите земји, важноста на соработката за зајакнување на стабилноста во регионот, можностите за дополнително продлабочување на соработката во низа области ги истакнаа претседателите на Египет и Кипар Абдел Фатах Ал Сиси и Никос Христодулидис и премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис по неформалната трилатералната средба што денеска се одржа во Ел Аламејн, јави дописничката на МИА од Атина.
На заедничката прес-конференција, тројцата лидери се осврнаа на меѓусебната соработка, на ситуацијата во поширокиот регион, во Газа, Либија, Либан, но и на односите на ЕУ и Египет.
Египетскиот претседател рече дека конкретниот механизам меѓу трите земји веќе претставува „модел на регионална стратешка соработка“, нагласувајќи дека се темели на „меѓусебно почитување, заедничка корист и почитување на правилата на меѓународното право“.
Посочи дека трите земји имаат заедничка волјата за зајакнување на стабилноста во регионот, но и дека безбедност треба да се базира на почитувањето на суверенитетот на државите и на меѓународното право.
Рече дека разговарале и за можностите за дополнително продлабочување и зајакнување на соработката, се осврна на електрично поврзување со Грција и ја нагласи потребата за од координација во безбедност и одбрана за справување со предизвиците со кои се соочува регионот.
– Нашето искуство има докажано дека она што ги обединува Египет, Кипар и Грција е заедничката волја да изградиме регионален модел чии основи се темелат на постигнување стабилност и развој во регионот, порача Ал Сиси.
Претседателот на Кипар рече дека иако конкретниот состанок беше неформален, сепак бил суштински, а со Грција и Египет имаат изградено „стабилен формат што се темели на заедничка доверба, заеднички цели, заеднички стремежи и најважно од се, континуирани се зајакнува“.
– Ова е формат што веќе има стратешка длабочина и соработка и се темели на позитивен пристап базиран на четири основни столбови: стабилност, безбедност, поврзаност и соработка во поширокиот регион, порача Христодулидис.
Истакна дека трилатералната соработка се продлабочува и се проширува во сите области, а на денешната средба размениле мислења за последните случувања во регионот.
Додаде дека трите земји секогаш „се стремат кон стабилен и мирен Источен Медитеран, што се карактеризира со добрососедски односи и почитување на меѓународното право“.
Грчкиот премиер посочи дека трите земји ги „обединува посветеноста на меѓународното право особено на морското право“, потсетувајќи на договорот со Египет за делумно одредување на Ексклузивната економска зона „што покажа дека кога постои политичка волја и посветеност на меѓународното законодавство може да се постигнат заемно корисни работи, зајакнувајќи ја стабилноста во регионот.
– Ова беше, е и ќе биде нашиот целокупен пристап и во Источниот Медитеран и кон Егејското Море. Грција не му се заканува никому, се стреми кон стабилност преку функционални добрососедски односи, секогаш врз основа на меѓународното право. Сепак, стабилноста во никој случај не значи попустливост, ниту толерирање на свршени чинови. Затоа, Грција не се плаши ниту да ги брани своите позиции со самодоверба, ниту да разговара. Тоа се двете страни на една одговорна надворешна политика, истакна Мицотакис.
Се осврна на важноста на морската безбедност за слободата на пловидба за што најави дека Атина подготвува нови иницијативи за време на грчкото претседателство со ЕУ во втората половина на 2027 година.
Паралелни уште еднаш ја повтори поддршката на Грција за праведно и одржливо решение на кипарското прашања во рамките на ОН, решение што би било „особено важен придонес за мирот и стабилност во целиот регион на Источниот Медитеран“.
Пред почетокот на трилатералната средба, египетскиот претседател одржа одвоени билатерални средби со Христодулидис и со Мицотакис.