Активисти го тужат Трамп за фрлање солзавец на мирните демонстрации


Американската унија за граѓански слободи и други активистички организации упатија тужба до претседателот Доналд Трамп, јавниот обвинител Вилијам Бар и други функционери поради нападите врз учесниците на мирниот протест пред Белата куќа во понеделникот.

Полицијата употреби солзавец врз демонстрантите на улицата пред седиштето на претседателот со цел да се расчисти патот за Трамп да може да учествува на однапред договорено фотографирање пред црква во близина на Белата куќа.

Според соопштението на Унијата, тужбата е покрената во име на „Black Lives Matter“ и поединечните демонстранти кои го обвинуваат Трамп и другите владини функционери за кршење на нивните уставно загарантирани права за мирен собир.

Протестите се одржуваа поради смртта на Афроамерикаецот Џорџ Флојд во полициски притвор во Минеаполис. На демонстрантите во Вашингтон покрај солзавец биле употребени и гумени куршуми.

Инаку синоќа во повеќе други американски градови се одржаа собири во спомен на Џорџ Флојд, човекот чие апсење, во кое полицаец со колено му го притиска вратот, покрена илјадници луѓе на улиците револтирани од расните неправди и полициската бруталност врз црнците.

Илјадници луѓе десетти ден по ред се собраа на мирни протести во Минеаполис, Њујорк, Лос Анџелес и Вашингтон. Пред Белата куќа демонстрантите седеа на улица, додека полицијата ги засилуваше безбедносните мерки на соседниот Плоштад Лафает.

Претходниве денови полицијата уапсила скоро 10.000 лица според проценките на американските медиуми.

Покрај во САД, масовни протести продолжуваат да се организираат и во Европа. Вчера околу 50 илјади луѓе присуствувале на демонстрации во Виена со порака за осуда на расизмот. Голем број од демонстрантите носеа транспаренти и натписи со текст „Black Lives Matter“.