Активирањето на државните резерви е подобра мерка од замрзнување на цените, смета бизнисот

Механизмот на замрзнување на цените непотребно ги става компаниите на чии производи се замрзнати цените во неповолна економска положба, а производот се продава и на оние на кои разликата во цена не им значи ништо, вели Антони Пешев


Наместо замрзнување на цените, подобра мерка би било искористување на државните резерви и субвенционирање на оние групи население на кои што помошта им е навистина потребна, смета извршниот директор на Стопанската комора Антони Пешев. Тој вели дека ефектот од мерката замрзнување на цените е ограничен и дека наместо тоа би можеле да се користат други мерки како што намалување на царините, помош при увоз на репроматеријали, субвенционирање на електричната енергија и тн.

„Механизмот на замрзнување на цените не е пазарна мерка. Владата посегна по оваа мерка сакајќи да го намали притисокот на населението кое се најде во економски проблеми, но јас мислам дека сите економии во светот малку поинаку приоѓаат на проблемот“, рече Пешев пред почетокот на средбата на македонски и австриски стопанственици во Стопанската комора, одговарајќи на новинарско прашање кој е ставот на комората за владините мерки за замрзнување на цените.

Занимливо е дека во богатата Австрија не се посегнало кон замрзнување на цените иако имало такви дискусии. Наместо тоа, таму помошта за домаќинствата и за компаниите е многу поселективна и насочена кон оние на кои такво нешто име потребно.

„Во Австрија имаше дискусија во врска со замрзнување на цените на недвижностите и на наемнините за недвижности. Имаше дискусии за тоа, меѓутоа се утврди дека е подобро да се даваат дотации на граѓаните со кои што ќе можат да им се помогне во плаќањето на овие давачки. Но, колку што мене ми е познато ограничување на цените или замрзнување на цените во Австрија нема“, истакна Рихард Бандера, регионален менаџер за Југоисточна Европа, Источна Европа и Централна Азија во Австриската федерална економска комора „Advantage Austria“.

Јирген Шредер, трговски советник во австриската амбасада истакна дека во Австрија како втора тема се трошоците за енергенти.

„Имено ние воведовме помош на семејствата, на домаќинствата, за покривање на сметките за енергетските трошоци. Станува збор за неколку стотини евра, како износ не беа големи, но тоа беше чекор напред во поддршка кон граѓаните. Исто така дадовме поддршка и на претпријатијата кои што интензивно имаат потрошувачка на енергија. Тоа се оддолжи малку меѓутоа, во период од повеќе месеци добија исто така поддршка“, рече Шредер.

И Пешев смета дека поцелисходни би биле слични мерки и кај нас, секако имајќи ги во предвид спецификите на земјата.

„Ние се залагаме токму за тој принцип, да не одиме со механизмот замрзнување на цените туку со субвенционирање на оние групи на население на кои тоа навистина им треба. Механизмот на замрзнување на цените непотребно ги става компаниите на чии производи се замрзнати цените во неповолна економска положба, а производот се продава и на оние групи население на кои таа разлика во цена не им значи ништо“, посочи Пешев.

Тој додаде дека затоа многу повеќе ги почитуваат мерките на Владата кои се однесуваат на директна интервенција во делот на намалување на царини, помош при увозот на репроматеријали, субвенционирање на електрична енергија и механизмите кои домашното производство го прават поконкурентно.

„Замрзнувањето на цените дефинитивно е мерка која не може да трае долго и по завршувањето на таа мерка повторно ќе го имаме проблемот со зголемување на цените. А, во меѓувреме, компаниите кои биле во тој сегмент изгубиле многу пари. Така, секогаш се залагаме за пазарни мерки, а не за мерки кои по малку се популистички“.

На прашањето дали ова го комуницирале со владата, тој одговори потврдно.

„Да, апсолутно, ние се појавивме со неколку изјави. Владата има право да воведе замрзнување на цените, но ние повторно напомнуваме – има механизми кои не се доволно искористени, како што е механизмот на државни резерви кој секогаш во вакви ситуации се покажува како подобар механизам, отколку механизмот на замрзнување на цените“, рече Пешев.

„Владата би требало да го појача влијанието на пазарот со свое влегување преку базенот кој се вика државни резерви“, додаде тој. (М.Ј.)