Ако нема доволно струја прво ќе се исклучат светлечките реклами и уличното осветлување


Министерство за економија појаснува што содржи Уредбата за прогласување кризна состојба при недостиг на струја

 

Доколку се случи во земјава да нема доволно електрична енергија први на удар на ограничување на потрошувачката ќе се најдат светлечките реклами, осветлението на улиците, плоштадите и другите објекти ќе се намалува до минимален сигурносен обем на осветлување, потоа осветлението на излозите ќе се ограничи до минимален сигурносен обем на осветлување, а како можност е и забрана за употреба на електрична енергија за додатно загревање на деловни и службени простории.

Ова е наведено во Уредбата за прогласување на кризна состојба при недостиг на електрична енергија што ја донесе Владата на 30 октомври годинава и која веќе е објавена во Службен весник е донесена со цел усогласување со одредбите на Законот за енергетика, соопштија од Министерството за економија.

Сепак, какви мерки ќе се преземат зависи и од условите поради кои е прогласена кризната состојба, како и од обемот на недостигот на електрична енергија. Притоа, предвидени се пет степени на ограничување на потрошувачката на електрична енергија, најнискиот доколку недостигот на електрична енергија изнесува од 5-10 отсто од количините на електрична енергија согласно Енергетскиот биланс за тековната година, вториот степен на мерки ако недостигот на електрична енергија изнесува од 10-20 отсто од билансираните количини; третиот степен за недостигот од 20-30 отсто од билансираните количини, а електричната енергија во акумулационите хидроелектрани изнесува 60 отсто од билансирани количини, четвртиот степен ако недостигот е од 30-40 отсто и петтиот, највисок степен на мерки за ограничување ќе се применува ако недостигот на електрична енергија изнесува над 40 отсто од билансирани количини.

Во Уредбата, меѓу другото, се вели дека врз основа на податоците доставени од учесниците на пазарот до 15-от ден во тековниот месец се врши пресметка за недостатоците на енергија за наредниот месец и се дава предлог до Комисијата за утврдување на степенот на ограничување на потрошувачката на електрична енергија.

Во Уредбата детално се објаснуваат критериумите и условите за прогласување на кризна состојба во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазарот на електрична енергија, начинот на снабдување со електрична енергија во кризна состојба, мерките кои се преземаат во случај на кризна состојба, како и правата и обврските на носителите на лиценци за вршење на електроенергетски дејности. Од Министерството за економија појаснуваат дека таа е објавена во Службен весник, а е донесена со цел усогласување со одредбите на Законот за енергетика, согласно кој пазарот на електрична енергија е целосно отворен и има повеќе учесници на пазарот, како на пример, Оператор на пазар – МЕМО ДООЕЛ.

Во опфатот на оваа Уредба, додаваат, се определени и правата и обврските на учесниците на пазарот во услови на кризна состојба и се вклучени сите учесници на пазарот, а не како претходно само државните енергетски компании.

„Претходната Уредба беше донесена во 2012 година и во неа не беа усогласени новите одредби за пазарите на електрична енергија. Континуирано ја следиме состојбата во електроенергетскиот сектор, во моментов има доволно количество на електрична енергија, до крајот на годината нема да има зголемување на цената на струјата за домаќинствата“, потенцираат од Министерството за економија.

Во вчерашното издание на Службен весник на 12 страници објавена е Уредба за критериумите и условите за прогласување на кризна состојба во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазари на електрична енергија начинот на снабдување со електрична енергија во кризна состојба, мерките што се преземаат во случај на кризна состојба, како и првата и обврските на носителите на лиценци за вршење на електроенергетски дејности.