Акцизите се намалија, но горивата значајно поскапуваат: дизелот за шест денари, бензините за три денари за литар

Од 21 јули ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе чини 90 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по 92 денари за литар. Поскапува и екстра лесното масло за домаќинство, чија цена се зголемува за седум денари и ќе изнесува 93 денари за литар


Фото: Б. Грданоски

Владата денеска донесе одлука за намалување на акцизите за нафтените деривати, но и покрај тоа, цената на дизелот и на бензинот од полноќ значајно ќе поскапат – дизелот за дури шест денари за литар, а бензините за три денари за литар. Ова е второ последователно зголемување на дериватите, откако минатиот понеделник, РКЕ ги зголеми цените за 5,50 денари за дизелот и 1,50 денари за суперот.  Од Владата велат дека доколку не ги намалеле акцизите, поскапувањето би било уште поголемо.

Попладнеднево Регулаторната комисија за енергетика соопшти дека зголемувањето на малопродажните цени на нафтените деривати е во просек за 5,88 проценти во однос на претходната одлука од 13 јули 2026 година. Новите цени, како што соопштија од РКЕ, ќе важат од 21 јули 2026 година од 00:01 часот.

Најголемо поскапување ќе има кај дизелот, чија цена се зголемува за шест денари по литар и од ноќеска на полноќ ќе се продава по 94 денари за литар.

Бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 поскапуваат за по три денари. Од 21 јули ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе чини 90 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по 92 денари за литар.

Поскапува и екстра лесното масло за домаќинство, чија цена се зголемува за седум денари и ќе изнесува 93 денари за литар. 

Новата цена на мазутот М-1 НС ќе биде 45,373 денари за килограм, што претставува зголемување од 3,205 денари. 

Од РКЕ информираат дека зголемувањето на цените е резултат на растот на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар, кои во однос на претходната пресметка се зголемиле кај бензините за 9,003 проценти, кај дизелот за 14,963 проценти, кај екстра лесното масло за 13,2 проценти и кај мазутот за 10,686 проценти.

Од РКЕ велат дека во новата пресметка е применета и одлуката на Владата за намалување на акцизата за бензините за 1 денар по литар и за дизелот за 2 денари по литар.

Од РКЕ напоменуваат дека утврдените цени се максимални, а трговците на големо и мало можат да формираат и пониски цени за одделни нафтени деривати и горива за транспорт.

Од Владата соопштија дека на денешната седница донесе одлука за намалување на акцизите на бензините и дизел-горивото, со цел да се ублажат последиците од растот на цените на нафтените деривати на светските пазари и да се заштити животниот стандард на граѓаните. Според владините пресметки, мерката ќе придонесе за помало поскапување на горивата во однос на цените што би се формирале без интервенцијата.

– Во изминатиот период е евидентен висок просек на котациите на суровата нафта и нафтените деривати на светските пазари. Владата континуирано ја следи состојбата, врши дневни анализи на движењата и останува целосно посветена на преземање навремени и активни мерки со кои ќе се ублажи притисокот врз граѓаните и стопанството – стои во соопштението од Владата.
 
Со донесената Одлука за намалување на акцизите, како што дополнуваат, се овозможува да се амортизира дел од ценовниот раст.

– Без оваа владина интервенција, согласно пресметките на Владата, малопродажната цена на бензините би се зголемила за околу 4 денари по литар, додека со мерката се очекува зголемување од околу 3 денари по литар. Кај дизел-горивото, без донесената Одлука на Владата цената би се зголемила за околу 8 денари по литар, додека со намалената акциза се очекува покачување од околу 6 денари по литар – додаваат оттаму.
 
Владата очекува Регулаторната комисија за енергетика, во согласност со своите законски надлежности, да ја донесе одлуката за новите малопродажни цени на горивата, при што ефектите од владината мерка ќе придонесат граѓаните и понатаму да плаќаат пониски цени отколку што би биле без оваа интервенција.
 
– Приоритет на Владата останува заштитата на стандардот на граѓаните, зачувувањето на економската стабилност и навременото реагирање во услови на нестабилности на меѓународните пазари. И во наредниот период внимателно ќе се следат сите движења на цените и, доколку околностите тоа го наложат, ќе бидат разгледани и дополнителни мерки во интерес на граѓаните и стопанството – нагласуваат од Владата.