Акционери на „Топлификација“: Во тек се повеќе процесни постапки за стечајот на компанијата и на ТЕ ТО


Акционерите во Топлификација – Скопје, денеска преку реакција до медиумите велат дека во тек се повеќе процесни постапки поврзани стечајните постапки на ТЕ ТО АД и на Топлификација АД, поради како што велат, незаконитостите во тие постапки, како и поради непостапување на надлежните државни органи. Оваа реакција доаѓа по вчерашната информација дека по пат на јавна лицитација, за 9,3 милиони евра, „Адора“ ги купи Топланите Исток и Запад и најголемиот дел од останатиот имот на Топлификација АД, која е во стечај.
„Дел од процесните постапки се пред домашните надлежни органи, а две постапки се подготвуваат за судските институции надвор од државата. Тековната продажба на дел од имотот на Топлификација, со оглед на текот на оваа постапка и учесниците во постапката ќе биде предмет на процесна постапка во наредниот период“, соопштија од Здружението на граѓани акционери во Топлификација – Скопје.
Во подолгото соопштение до медиумите од ова Здружение опишуваат како Топлификација, една од најуспешните компании кај нас, била доведена во стечајна постапка.
„Топлификација АД од 1994 година до 2017 година, во континуитет има позитивни финансиски резултати, што е единствен случај во регионот“, наведуваат акционерите на оваа компанија.
Притоа, објаснуваат дека Топлификација АД во соработка со странскиот партнер во периодот 2007-2011 година го реализираат првиот приватен енергетски објект во регионот ТЕ ТО АД во кој симултано се произведува електрична и топлинска енергија. Вредноста на инвестицијата е околу 170 милиони евра.
„Целата активност од идеја за проектот поткрепена со пред физибилити и физибилити студии за проектот до добивањето на употребна дозвола во февруари 2012 година најголемиот дел од активностите поврзани со менување на локалната легислатива, надминување на отпорот на институциите на државата и обезбедување локална поддршка на проектот е реализирана од Топлификација АД. Денеска овој објект произведува околу 35 отсто од производството на термоелектраните во државата“, се вели во соопштението до медиумите.
Во него се додава дека во декември 2017 година со пресуда на Врховниот суд на РСМ Топлификација АД го добива клучниот судски процес со ТЕ ТО АД. Согласно одлуката на Врховниот суд и согласно јавното признание на ТЕ ТО АД фирмата треба да исплати на Топлификација АД 28 милиони евра со пазарни каматни стапки заклучно со 01.03.2018 година.
Но, како што велат акционерите на компанијата „со помош на моќни структури во државата ТЕ ТО АД реализира стечај самиот на себе и отпишува долгови на ТЕ ТО АД во висина од над 150 милиони евра, користејќи спогодби помеѓу заинтересирани страни. Постапката преку која се реализира оваа активност не може да се спроведе без согласност на Топлификација АД како малцински акционер во ТЕ ТО АД. Иако тоа треба да му е познато на секој студент на право кој положил Трговско право, моќните структури го реализираат стечајот на ТЕ ТО АД без основниот услов спогодбите помеѓу главниот акционер на ТЕ ТО АД и ТЕ ТО АД да се одобрат од малцинскиот акционер, Топлификација АД на собрание на акционери“, се вели во соопштението и се додава дека со постапката на незаконскиот стечај на ТЕ ТО АД која започнува два дена по пресудата на Врховниот суд Топлификација АД е директно оштетена за над 35 милиони евра со пресметани пазарни каматни стапки на долгот до денеска.
Вио реакцијата,м акционерите на Топлифијциаја ја објаснуваат целата постапка во врска со како што велат „незаконскиот стечај на ТЕ ТО АД“, како и моментот кога била покрената постапка за стечај за „Топлификација“ од страна на мнозинскиот акционер на ТЕ ТО АД за долг од 1 милион евра. Исто така се посочува и на Планот за реорганизација, за кој исто така се вели дека е незаконски бидејќи во него не е предвиден главниот трошок во висина од над 17 милиони евра за плаќање на данокот на добивка кој произлегува од отписот на долговите на ТЕ ТО АД во висина од 150 милиони евра за што биле поднесени пријави до надлежните органи против стечајниот управител.
„Проценетата вредност на Топлификација АД во стечајната постапка на оваа фирма, без побарувањата од ТЕ ТО АД по основ на пресудата на Врховниот суд е над 30 милиони евра. Вкупната вредност на Топлификација АД како проценета вредност на имотот и побарувањата кон ТЕ ТО АД по основ на пресудата на Врховниот суд се над 63 милиони евра на денешен ден. Вкупните долгови на Топлификација АД се околу 20 милиони евра“, се наведува во соопштението на Здружението на граѓани акционери во Топлификација – Скопје.