Акција „Бегалец“ на МВР: Приведени 59 лица за две седмици за затворски казни до десет години


Фото: Б. Грданоски

Министерството за внатрешни работи во рамки на оперативната акција „Бегалец“ презема интензивни мерки за пронаоѓање и приведување лица кои се предмет на потрага, односно се бараат за издржување затворска казна од казнено поправните институции во земјава, изјави денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

-Од досега преземените активности во периодот од 15.09 до 01.10.2020 на територијата на Република Северна Македонија пронајдени се и приведени се 59 лица кои потоа се спроведени за издржување на затворска казна до десет години и се спроведени во казнено поправните институции, посочи Ангеловски.

Покрај тоа, додава, МВР во соработка со полициите од другите земји, презема интензивни мерки и активности за пронаоѓање и екстрадирање на лица кои избегале од нашата држава, а се предмет на потрага на нашите институции.

– Од Германија е екстрадирано лице кое се бара за издржување затворска казна од 32 години и шест месеци. Од Австрија е екстрадирано лице кое се бара за затворска казна од десет години, а исто така екстрадирани се и повеќе други лица во овој период, информира портпаролот на МВР.

Дополнува дека Одделението за потраги при Секторот за меѓународна полициска соработка продолжува со интензивни активности за пронаоѓање и приведување на лицата кои се бараат со потерници