Акциите на „Тесла“ зајакнаа откако Маск продаде помал удел
Акциите на „Тесла“ денеска пораснаа на берзата во Франкфурт, дури и откако во текот на ноќта пристигна информацијата дека извршниот директор и најголем акционер Илон Маск продал дел од своите акции за околу пет милијарди долари.
Акциите на „Тесла“ котирани во Франкфурт зајакнаа за 4,1 отсто на 953 евра (1.102,05 долари) на почетокот на тргувањето, компензирајќи некои од големите загуби забележани претходно оваа недела, објави Ројтерс.
Инвеститорите не придаваа големо значење на изгледите за продажба на акциите на Маск, посочувајќи наместо тоа на силните нарачки за автомобилите на „Тесла“ и вербата на Маск во компанијата, додека брокерите велат дека трговскиот ден на Вол Стрит би можел да биде турбулентен.