АХВ спречи увоз на 50 тони небезбедна храна


Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во текот на изминатата недела спречи влез на 50 тони небезбедна храна на македонскиот пазар. При контрола на граничните премини, инспекторите стопирале пратки со месо и јаткасти плодови кои не ги исполнувале безбедносните стандарди.

На граничниот премин Ќафасан е забранет увоз на 27 тони говедско мелено месо со потекло од Парагвај. Проверката во системот на АХВ покажала дека месото потекнува од објект кој нема одобрение од македонските власти.

„Одлуката за забрана за влез на месото во нашата држава е донесена по направената проверка во информативниот систем на АХВ и на увознатата документација според која количините кои требале да се увезат и да завршат на македонскиот пазар потекнувале од објект кој не е одобрен од Агенцијата за храна и ветеринарство, со што не се испоплнети основните безбедносни стандарди за увоз, односно постојат сомнежи за здравствена исправност на месото, што претставува ризик за потрошувачите“, соопштија од АХВ.

Покрај месото, инспекторите забраниле увоз и на 22 тони ореви од Казахстан. Причината за оваа мерка е несоодветно означување и отстапување од критериумите за квалитет.

„Поради тоа целата количина од 22 тони вратена е во земјата на потекло, односно, забранет е нејзин пласман на македонскиот пазар“, прецизираат од Агенцијата.

Од АХВ најавуваат дека контролите на увозот продолжуваат со засилено темпо. Тие апелираат до увозниците строго да ги почитуваат законите, нагласувајќи дека здравјето на граѓаните е врвен приоритет за институцијата.