Ахмети во „филм“ дека ќе го молат да влезе во влада


Избор на Влада и носење на одлуки на Уставниот суд со принципот Бадинтер за законите што во законодавниот дом се донесени со двојно мнозинство – ќе биде условот на Али Ахмети и на ДУИ да влезат во која било идна македонска влада. Ова денеска на брифинг со медиумите во седиштето во Мала Речица го порача лидерот на ДУИ. Тој  е уверен дека таквите негови барања не излегуваат од рамката на Охридскиот договор.

„Ова не е штетно решение, а не е ниту тешко да се реализира, а притоа ќе донесе поголема стабилност на државата и зајакнување на нејзината единственост и функционирање на мултиетничкиот концепт. Рамковниот договор не беше совршен и во неговиот дух е е зајакнување на унитарноста на државата.Ние сме легалисти и имаме предлог до сите што, убедени сме, може чесно да помине“, изјави Ахмети.

Тој ги отфрла тврдењата дека ваквиот предлог го дава за да може да политички да се пазари, бидејќи во моментов го поседува Бадентеровото мнозинство во Парламентот. Лидерот на ДУИ одбегна да одговори прецизно на прашањето зошто ваков предлог не понудил на политичката маса во претходните речиси 23 години, колку со мали прекини беа постојано владејачка партија. И, како од позиција на опозиција смета дека има можност да постави вакви услови. Инсистираше на ставот дека новиот договор што го нуди е  за спас на Македонија, а не за враќање на партијата на власт, иако не одговори на неколку пати повторените прашања од новинарите како ќе ги натера лидерите на македонските партии да го прифатат договорот.

Тој тврди дека оваа понуда со која излегле не е набрзина склопена туку долго ја анализирале заедно со домашни и со странски познавачи на Рамковниот договор и, е убеден дека дошле до решение што не е еуфорично и не предизвикува вознемиреност кај Македонците.

„Сè повеќе се шират гласини дека мултиетничката држава е нефункционална. Некои размислувања со етнички контотација не враќаат во периодот пред речиси 25 години. Слушаме тези и од дома и од надвор за поделба на државата .Ние остануваме на ставот дека Македонија треба да биде унитарна држава со граѓани што ќе имаат еднакви можности. Во тој контекст гласањето на влада со двојно мнозинство и гласањето со Бадентер во Уставниот суд е во тој правец и не остава простор за поделба на Македонија“, потенцираше Ахмети.

Ахмети упати и индиректна порака до мнозинството дека со национализам ја водат државата во погрешен правец .

“Албанци вазали на македонските политички партии им користат, но и штетат на државата, бидејќи не нудат одржливи решенија. Се наоѓаме во преопасни ситуации геополитички“, вели тој.

На прашањето дека е направена голема чистка во раководството на партијата по конгресот и зошто тој не заминал ако веќе смета дека со промените ќе се реформира партијата, Ахмети рече дека „капетанот последен го напушта бродот додека не стаса до брегот“. А, на дополнителното прашање дали брегот е Илинденска броој 2, поточно Владата тој одговори дека брегот е „Европската унија и стабилна држава“.

Лидерот на ДУИ одби да одговори дали е ова негов последен мандат.  Како што рече 15 години е помлад од американскиот претседател Трамп, а промените за кои се залага и соработниците го подмладуваат.

 Тој ги критикуваше двете стопански комори, за кои рече дека создаваат поделби и ги поддржуваат олигарсите.

„Нема никој во Македонија кој знае подобро од мене како да прави национализам. Јас ја уништив Југославија и 20 години го спроведував проектот 1981 – 2001. Но, слушнете го мојот говор на Конгресот, никогаш не сум се занимавал со ВМРО, СДСМ или ВЛЕН. Она што го имав за вазалите, им го кажав од 2002 до 2025 година. Тие не нудат одржливо решение“, рече Ахмети.

Според него, планот А останува развој и напредок на државата, додека изрази надеж дека нема да се префрли на план Б.

„Ако излезам на улица, никогаш нема да се вратам дома. Јас не сум претставник на мачки, туку на лавови“, додаде Ахмети.