Ахмети останува лидер на ДУИ, Османи потпретседател, Адеми избран за генерален секретар


Али Ахмети продолжува да ја води ДУИ откако денеска на 5. конгрес на партијата ја доби довербата од делегатите на Демократската унија за интеграција. .
За новото раководство на партијата која е во опозиција, делегатите одлучуваа во рамките на затворениот дел на конгресот на кој се избираа генерален секретар и потпретседатели.

 

Дел од медиумите, повикувајќи се на извори од партијата, неофицијално објавија дека на раководните позиции, со извесни рокади, се избрани познати лица кои и досега извршуваа високи функции во партијата.

Според информациите, за нов генерален секретар на ДУИ е избран досегашниот потпретседател на партијата, Арбер Адеми, додека Фатон Ахмети кој досега ја извршуваше функцијата генсек, ќе биде еден од потпретседателите на интегративците.

Потпретседател на партијата останува и Бујар Османи, кој беше кандидат за градоначалник на Чаир на последните локални избори, но загуби од Изет Меџити од ВЛЕН. За потпретседатели се избрани и Еркан Арифи, Арбана Пашоли и Арта Биљали-Зендели.

Поранешниот државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Неби Реџепи ќе биде нов организациски секретар, а Арбеша Влаши секретар за еднакви можности, објави ТВ 24.

Ахмети беше единствен кандидат за највисоката функција во партијата, кој, според ТВ Сител, ја добил довербата на 737 делегати да ја води партијата и во наредниот период.