Ахмети елегантно се ослободи од локалните шерифи


Фото: Б. Грданоски

Во сенка на неизвесноста околу добивањето датум за преговори со Европската Унија и „метлата“ во Владата што го чека исходот од Брисел, стигнаа вестите за голема чистка во Мала Речица. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети ги разреши сите општински комитети – вкупно 35 на број и отвори постапка за нови именувања на месните ограноци. Во партијата на власт тврдат оти нивните мандати завршиле и оти нема ништо чудно што во еден ден се ослободени од обврските.
Секој од нив ќе има право повторно да се кандидира што само по себе го наметнува прашањето дали помалиот коалициски партнер во Владата ги следи постапките на повозрасниот.
„ДУИ не го копира СДСМ со партиските промени. Лидерите на ограноците не се отпуштени, туку мандатот им истече пред една година, уште во ноември. Случувањата во партијата се во согласност со статутот на партијата. Централниот одбор сега одлучи да назначи координатор за секој огранок и да започне со организирање на изборите, од локалните совети до претседатели на филијалите. Координаторот во овој период ќе биде контактната точка помеѓу центарот и филијалата, но нема да има право да се кандидира“, објаснува вицепремиерот Бујар Османи.
„Метла“ за Асани и за Мерко
Сепак, извори од партијата посочуваат дека претседателот Ахмети се послужил со тактиката на лидерот на СДСМ, Зоран Заев и со еден удар ги исчисти сите оние што со своето однесување и изигрување локални шерифи го нарушуваа имиџот на партијата.
„Некои од претседателите на месните комитети се на истата позиција и по десетина години, а други се назначени пред неколку месеци. Доколку Ахмети ги менуваше само оние што му правеа штета, тогаш тие ќе се налутеа и ќе се свртеа против него. Вака, под превезот на подготовки за партискиот конгрес наесен, се направи чистка и на добрите и на лошите“, коментираат нашите извори.
Тие потенцираат дека меѓу проблематичните отскокнуваа Беќир Асани и Рамиз Мерко, кои последнава година особено ја иритираа јавноста со своите постапки. Асани, кој е предводник на чаирското крило, последен пат имаше јавен настап по инцидентот со полицајката која самата се повреди додека му асистираше на „пајакот“ да го дигне неговото возило. Мерко, како прв човек на Струга, се истакна со лимузината скапа 70.000 евра и се покаја што не си купил поубаво возило со службените пари.
Секако, не станува збор само за лошиот впечаток во јавноста што го оставаат локалните функционери на ДУИ, туку и сериозно лошите односи меѓу струи во партијата што знаат да резултираат и со убиства. Се паметат крвавите пресметки во Мала Речица, Куманово, Струга… кои партијата невешто се обидуваше да ги прикрие како инциденти што немаат врска со ДУИ.
„После долго време, Ахмети има потреба да покаже дека сè уште е главен фактор во партијата од една страна, а од друга страна да покаже дека партијата е подготвена да внесе свежа крв во своите редови. Секако дека се потребни промени и реформи и во врвот на партијата, бидејќи само промените по ограноците не можат да ја постигнат целта“, анализира новинарот Исен Салиу.

Бејта: Секој може да се кандидира


ДУИ одлучи потпретседателите Теута Арифи, Изет Меџити, Садула Дураку и Невзат Бејта, како и организацискиот секретар Артан Груби да бидат именувани за координатори на ниво на партијата кои треба да ги спроведат изборите на сите 35 ограноци. Тие не можат да претендираат на функцијата претседатели на ограноци.
„Навистина нема ништо чудно во тоа што сите претседатели на месните комитети се ‘разрешени’, како што велите. Нив им истече мандатот и бидејќи се подготвуваме за големиот партиски конгрес, логично е на сите да им дадеме шанса да се кандидираат за претседатели, делегати или за други функции. И тие на кои им истече мандатот можат да се кандидираат. Така прават демократските партии. Демократијата се мери според гласот на граѓаните. Затоа и сме за отворени листи на парламентарни избори. Не може партијата да именува некого, а да нема поддршка од граѓаните. Гласачите им веруваат само на оние што ги исполнуваат ветувањата. Така и сега, кој смета дека ја заслужува довербата – нека се пријави, па ќе видиме. Ние сме поставени од партијата да го координираме процесот и да внимаваме сè да биде во најдобар ред. Јас се нафатив, бидејќи ја сакам својата општина и држава и знам дека можам уште да помогнам“, ни изјави Бејта.
Во врска со реконструкцијата на Владата, од ДУИ велат дека ги имаат завршено консултациите во рамките на партијата и очекуваат сигнали од коалицискиот партнер.
Дел од аналитичарите сметаат дека „метлата“ во Мала Речица заигра во моменти кога пукаат бомбите на Ел Чека од Чикаго. Изминатото деноноќие, беа пуштени нови прислушувани разговори во кои, наводно, се слушаат гласовите на Ахмети и на Муса Џафери. Ел Чека пред извесно време посочи дека бомбите ги објавува по наредба на осудените од Диво Насеље кои сега бараат меѓународна истрага. Го предупреди премиерот Зоран Заев да внимава на осудените за овој случај.
Пред десетина дена Основното јавно обвинителство достави кривична пријава против него. Обвинителството побара и меѓународна правна помош со цел обезбедување потребни податоци од профилот на социјалната мрежа.
Ахмети се изјасни оти не ги слуша „бомбите“, ама дека пријателите редовно го известуваат за содржината. Утврди дека станува збор за утринска слама што бргу ќе се стопи.
Внатрепартиските избори се очекува да завршат до септември, а во ноември да се одржи конгресот на ДУИ.

Горан Адамовски