Агенцијата за пошта регистрира измами од нерегистрирани онлајн продавници и нелогично кодирање пратки
Агенцијата за пошта регистрира случаи со нереализирана достава на онлајн пратки поради нелогично кодирање на пратките. Електронската продавница по претходно завршен процес на онлајн продажба, оформува две различни пратки, со две различни содржини, за двајца различни примачи, а истовремено користи еден бар-код за нумерирање две пратки со различни адреси за прием. Случајот завршува со доставување една од пратките, за еден од примачите.
– По ваквата завршница, Агенцијата за пошти им препорачува на корисниците да остварат комуникација со веб-страниците, односно со испраќачите на пратки и да им укажат за ваквата појава и за нереализираната достава на веќе купените производи и да бараат да се повтори доставата или, пак, да им се врати износот што веќе го платиле, вели во интервју за МИА Билјана Аврамовска Ѓоревска.
Во Агенцијата за пошта се евидентирани неколку случаи во кои корисниците се измамени од нерегистрирани онлајн продавници.
– Не секој поединец или фирма што се претставуваат дека се онлајн продавници се веродостојни. Тоа можеме да го забележиме најчесто на социјалните мрежи, потенцира Аврамовска Ѓореска.
Во последните неколку месеци се евидентирани поднесоци во кои корисниците бараат информации за статусот на пратките што ги очекуваат преку меѓународниот сообраќај. Целата ситуација со пандемијата, која предизвика и прекин во авионскиот сообраќај и го отежна поштенскиот сообраќај, повлече и доцнење во доставата, но и во испораката на пратките до крајните корисници, односно примачи.
– По ваквите барања, Агенцијата во коресподенција со националниот давател на поштенски услуги, навремено и точно ги информира подносителите за ваквата состојба и им дава соодветни податоци за предметните пратки, укажува директорката на АП.
Состојбата кај поштенските давателите била особено неповолна во втората половина на март, кога се бележи најголемиот пад во обем, односно намалување од 50 до 70 проценти зависно од услугите што се обезбедуваат, додека давателите кои обезбедуваат нотарски писма забележале најголемо намалување на обемот, и тоа до 80 проценти. За одредени даватели кризата предизвикала и целосен прекин на нивното работење во изминативе три месеци. Но, како што информира Аврамовска, веќе од средината на април и мај давателите почнале со вообичаената динамика во своето работење, па дури бележат и зголемување на онлајн нарачките од 10 до 20 проценти, особено нарачки на текстил, електронски апарати, прехранбени, хигиенски производи и сл.
– Интересот за работа во поштенскиот сектор е зголемен за 15 – 20 проценти од вообичаеното во овој период на годината, за што говори и фактот што за последниот месец имавме консултации со повеќе фирми заинтересирани за работа во достава на онлајн пратки. Бројката на даватели на поштенски услуги постојано расте, вообичаено се започнува со нови стартап-компании што со време растат и го прошируваат своето портфолио на услуги и географското подрачје на работа. Моментно бројката е 41, заедно со Пошта на Северна Македонија. Во исто време, особено од крајот на април и во мај Агенцијата работеше и на откривање нелиценцирани оператори, реагиравме навремено, па нивната работа „на црно“ е стопирана, наведува Аврамовска Ѓоревска.
Агенцијата за пошти, укажува, познавајќи ги потребите на поштенските даватели започнувајќи од април во три наврати на Владата ѝ предложила да усвои вкупно 15 поединечни мерки за нивна поддршка и помош (финансиски и нефинансиски).
– Од предложеното, Владата и надлежните институции најбрзо реагираа со мерките за обезбедување и гарантирање на слободата за пренос за сите поштенски пратки и услуги на патниот транспорт. Некои од нашите предлози за финансиска поддршка беа интегрирани во генералните владини пакет-мерки за поддршка на фирмите и економијата, а некои беа оставени за разгледување подоцна, вели Аврамовска Ѓореска.
Без оглед на ефектите од нивните предлози и заложби во изминатите три месеци, Агенцијата останува на ставот дека за ефективна и ефикасна секторска регулација и поддршка е неопходна поголема вклученост на сите чинители на државата кои се надлежни креатори на регулаторниот амбиент. Притоа, сметам дека е важно во блиска иднина да има мултисекторски одговор на појавата на сив пазар во доставата. За ова алармиравме уште веднаш, кога излезе на површина (во времето на рестрикции на движење и полициски час), доставата на хуманитарна помош и храна да ја вршат снабдувачите доколку станува збор за достава на сопствените производи или во спротивно да ги користат исклучиво услугите на лиценцираните поштенски оператори, информира директорката на АП во интервју за МИА, што целосно ќе биде објавено утре.