Агелер им честиташе на Шекеринска – и на Мицкоски!
Амбасадорката на САД во македонија, Ангела Агелер, и го честиташе изборот на Радмила Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО. Наедно таа му честиташе и на премиерот Христијан Мицкоски за тоа што застанал зад нејзината кандидатура или по наше кажано – не ја блокирал, како што прави вообичаено ВМРО-ДПМНЕ.
„Моите најтопли честитки до Радмила Шекеринска, следниот заменик генерален секретар на НАТО и на Христијан Мицкоски и Владата на Северна Македонија за застапување на нејзината кандидатура. Моќен доказ за стручноста и искуството на Шекеринска и на улогата на Македонија како ценет сојузник на НАТО и партнер на САД“, напиша Агелер.
Честитки за новата позиција на Шекеринска дојдоа и од нејзината партија:
„Честитки за ова големо признание! Ова именување за следен заменик генерален секретар на НАТО е значајна победа, како за неа лично, така и за Северна Македонија. Ова ја потврдува важноста и растечката улога на земјава во меѓународната безбедносна архитектура“ – напиша Оливер Спасовски.
„Честитки за Радмила Шекеринска, која е назначена за заменик генерален секретар на НАТО! Ова е голема одговорност, но и успех и признание за нејзините квалитети, искуство и посветеност на евроатлантските интеграции. Ова истовремено е и голем успех за нашата земја, потврда на нашата важна улога во НАТО алијансата„- напиша на фејсбук поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.