Агелер и Рокас не сакаат да ги коментираа истрагите за „Лотарија“
Амбасадорите на Европската Унија и САД во земјава, Михалис Рокас и Анџела Агелер, засега се без коментар во врска со актуелните истраги на МВР и Обвинителството, конкретно, за случајот „Лотарија“ и за предметот што Обвинителството го оформи по ставањето на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети на „црната листа“ на САД.
Одговарајќи на новинарски прашања по настан во скопски Карпош, евроамбасадорот Михалис Рокас рече дека во оваа фаза од истрагата за случајот „Лотарија“, Делегацијата на ЕУ нема никаков коментар.
„Да му дозволиме на самото судство и Јавното обвинителство во земјата да продолжат со истрагата. Мислам дека треба да оставиме правдата да зборува сама за себе“, изјави Рокас.
Ниту амабасадорката на САД, Анџела Агелер, не даде никаков коментар во врска со одлуката на републичкото обвинителство да оформи предмет по ставањето на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети на т.н. „црна листа“ на САД.
„Не можам. Јас не сум дел од ниту еден од внатрешните истражни процеси во оваа земја“, рече Агелер.