Агелер е задоволна што Груби се најде на црната листа
Американската амбасадорка со грст пофалби за новата влада - во шест месеци постигнала „значителен напредок“
Американската амбасадорка Анџела Агелер вели дека сите во Македонија знаеле кој е корумпиран и таа е задоволна што на листата се нашол поранешниот висепремиер Артан Груби.
„И моја претпоставка е дека веројатно никој во оваа земја, меѓу граѓаните, во судството… не бил изненаден кога го видел неговото име на листата. Една од работите што е факт е кога САД објавиле назначување на некој поединец, а истото важи и за судијата Беџети, никој не вели, боже, не ми се верува. Сите знаат во оваа држава кој е корумпиран. И јас, и вие знаете, искрено, дека ова е нешто за кое тесно соработувавме со Вашингтон за да го обработиме. Поминаа многу, многу месеци. Така што воопшто не бев изненадена. Бев многу задоволна. Бев многу задоволна и што Вашингтон можеше да го објави соопштението на Меѓународниот ден за борба против корупцијата, на 9 декември. Значи, не бев изненадена. Бев задоволна, порача Агелер во интервју за „Слободен печат“.
Околу дилемата зошто високи функционери никогаш не се ставени на листата додека се на функција, туку отпосле Агелер вели дека тоа не е одлука, туку процес.
„Вашингтон работи со амбасади, со нашата амбасада овде, на пример, што помага да се состави пакет информации за поединци, за кои веруваме дека локално учествувале во криминална корупција. И потоа тоа е прилично долг процес. И некој, амбасадата, или која било амбасада во светот, може да состави пакет за поединец, и тоа може да потрае повеќе месеци до неколку години, во зависност од комплицираноста на случајот. Така што, за нас тоа никогаш не е политичко прашање. Ме прашаа дали ова е одговор на различни политички активности во текот на минатата недела или месеци. И одговорот е не. Нашиот процес не функционира така. Не ни е намерата да се вклучиме во политиката. Значи, ако во неговиот случај, случајот беше завршен додека тој сè уште беше на функција, тогаш апсолутно ќе го пуштивме во тоа време. Но, не беше. Значи, тоа е само прашање на процесуирање“, вели Агелер.
Околу тоа дали ќе има нови имиња и дали ќе бидеме изненадени Агелер порача дека сѐ уште не се случило некој да биде изненаден.
Агелер вели дека новата влада за шесте месеци колку што е на власт постигнала „значителен напредок“.
„Шест месеци не е многу време за нова влада, искрено кажано. Но, ќе забележам дека врз основа на моите директни разговори со овој премиер и со многу негови министри, тие постигнаа напредок. Тие постигнаа значителен напредок.
Ќе го земам примерот со проектот ‘Бехтел и Енка’. Тоа беше нешто за што се зборуваше како добар договор, а сепак практично не беше постигнат напредок. И сега, денес, има реален напредок. Може да видите дека се гради инфраструктурата. А граѓаните можат да погледнат и да видат дека, на пример, патот меѓу Битола и Прилеп почнува да се обликува. Тоа е важно. Договорот за интерконекторот со Грција конечно е постигнат. Знам дека премиерот и неговиот министер за енергетика и другите министри како и министерот за транспорт исто така, водеа многу сериозни разговори и продуктивни разговори за интерконектори со другите соседи, како и за транспортни врски, вклучително и железница. И сето тоа се работи што ќе ја зајакнат трговијата, ќе ја подигнат регионалната трговија со партнерите и со соседите и се составен дел на стратегиската поставеност на оваа земја, особено во должина на коридорите 8 и 10.
Јас сум многу задоволна што гледам дека Владата презема солидни акции за овие прашања. Дали можат да направат повеќе за некои од другите ветувања? Апсолутно. Ние веќе зборувавме за владеење на правото. Има многу работа да се заврши. Знам дека премиерот го препознава тоа, како и многу други негови министри, но има многу да се направи. И знам дека гласачите многу внимателно гледаат што прават“, вели Агелер во интервјуто за „Слободен печат“.
Таа уште додава дека системот бил многу оштетен за време на претходната влада и дека владата мака мачела со буџетот. „Често разговарам со министерката за финансии. Таа има огромна задача. Тоа е нешто што ќе го поддржиме колку што можеме. Но, тоа е вистински предизвик за Владата“.