Африм Гаши предупреди: Или нашиот кандидат ќе биде член на ДИК или ќе го блокираме Собранието

Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, кој е и пратеник, денеска на прес-конференција истакна дека ќе го бојкотираат работењето на Собранието доколку до 31 декември не биде изгласан нивниот кандидат за член на Државната изборна комисија Абдуш Демири.
Ова Гаши го кажа по објавената едночасовна пауза на седницата на Комисијата за прашања на именувањата и избори од претседателката на Комисијата Марија Георгиевска по тензичната атмосфера во салата откако пратеничката на албанската опозициска коалиција Сафије Садики-Шаини побара да не биде изгласан предлогот за член на ДИК Зулфи Адили поддржан од Европската народна партија на Аријанит Хоџа, кој беше одбиен од членовите на партиите од власта.
„Доколку до 31 декември не биде изгласан нашиот кандидат за член во ДИК ќе го бојкотираме Собранието. Најпрвин нема да учествуваме во работата на Собранието, нема да присуствуваме ниту на седниците на комисиите ниту на пленумот и ќе алармираме и кај граѓаните и кај меѓународниот фактор. После 31 декември освен бојкот на Собранието ќе ги преземеме сите демократски мерки нашето право да дојде на свое место – да го имаме нашиот член во ДИК. Ќе ги објавиме нашите планови и мерки што нема да се исполни условот до 31 декември“, рече Гаши, заедно со другите пратеници на „Европскиот сојуз за промени“.
„Продолжува циркусот и маскарадата на манипулација за одземање на правото на албанската опозиција да има свој член во ДИК. Оваа наше право одредено со закони ова никој не може да ни го одземе. Мене ми е жал што претседателот на Собранието заедно со претседателката на Комисијата за именувања и избори сакаат да го манипулираат процесот. Што се случува?“, праша Гаши.
Наместо претседателот на Собранието да поднесе барање и писмо до опозициските партии на Албанците, наведе Гаши, праќаат писмо и до една новоформирана партија што е незаконски, затоа што Изборниот законик каде се повикува на политички партии, се повикува на политички партии кои учествувале на последните парламентарни избори. Дотолку повеќе што таа партија го предложила за член на ДИК да биде членот од Алијансата за Албанците Зулфи Адили.
„Нема да дозволиме ДИК да се состави незаконски и да продолжи со својата работа, затоа што ние нема да учествуваме во тие избори. Ќе направиме сѐ за да не се случи изборен процес во државата, ако се ускрати ова наше право“, рече Гаши. (МИА)