АЕТМ: Македонците потрошиле 221 милион евра во онлајн продавници за шест месеци
AETM го анализираше трендот на пораст како на вредноста, така и на бројот на онлајн трансакциите, кој продолжува и во првата половина на 2023 година.
Согласно најновите податоци за безготовински платежни трансакции на виртуелните места на продажба за период од шест месеци заклучно до 30.06.2023 година од страна на Народната Банка на Република Северна Македонија, вкупната вредност на онлајн трансакциите реализирани во земјата од Македонци и странци и во странство од Mакедонци, изнесува над 328 милиони евра, што претставува пораст од 18.5% во однос на истиот период минатата година.

Бројот на вкупните онлајн трансакции во истиот период изнесува 9.3 милиони и е за 14.6% повеќе од бројот на вкупно направените трансакции на виртуелните места на продажба, што значи просечната нарачка по трансакција се зголемува на 35.4 евра. При тоа просечната трансакција на правните лица е повисока (48.9 евра) во однос на физичките лица (31.5 евра).

Македонците потрошиле речиси 220.7 милиони евра кон домашни онлајн продавници во првите 6 месеци од оваа година и има пораст од 13.2% во однос на истиот период минатата година.

И во текот на првата половина од 2023 година, Македонците и понатаму најмногу онлајн купуваат од домашните е-продавници, но темпото на пораст во однос на онлајн купувањето во странство е помало, а со тоа се намалува и учеството на вредноста на направените онлајн трансакции од Македонци кон домашните е-трговци на 67% од вкупната вредност на направените онлајн трансакции. Доколку се анализира по месеци, вредноста која Македонците ја потрошиле за купување од домашни е-трговци е највисока во март кога кон домашните е-продавници се слеале 41.5 милиони евра. Најмалку е купувано од домашните е-продавници во јуни, односно 32.7 милиони евра. Инаку, највисок пораст од 20% во однос на истиот период минатата година е остварен во месец мај.