АЕТМ: Е-трговијата во Македонија со двоцифрен раст – онлајн трансакциите достигнаа речиси 266 милиони евра во првиот квартал од 2026 година


Домашната е-трговија продолжува да расте: 156 милиони евра потрошени кај македонските е-продавници во првиот квартал од 2026, се вели во соопштението од АЕТМ, кое се темели на податоците на Народната банка на Македонија. 

Според најновите податоци на НБРСМ за трансакции на места на продажба за е-трговија (без трансакциите со електронски пари), во првиот квартал од 2026 година вкупната вредност на онлајн трансакциите достигнала 16,355.96 милиони денари, односно 265.95 милиони евра, што претставува раст од 18.1% во однос на истиот период минатата година. Во оваа вредност се вклучени онлајн купувањата на македонските граѓани кај домашни и странски е-продавници, како и купувањата на странски потрошувачи кај македонските е-трговци.

При тоа, во првиот квартал од 2026 година, кон македонските е-трговци биле реализирани онлајн трансакции во вредност од 9,608.64 милиони денари, односно 156.24 милиони евра, што претставува раст од 16.5% во однос на истиот период минатата година. Од оваа сума, домашните иматели на платежни картички реализирале трансакции во вредност од 8,617.27 милиони денари (140.12 милиони евра), што е 15% повеќе во однос на истиот период лани, додека странските иматели на платежни картички реализирале онлајн трансакции кон македонските е-трговци во вредност од 991.37 милиони денари, односно 16.2 милиони евра, што претставува раст од 32.5%. Овој тренд покажува дека домашните е-продавници сè повеќе успеваат да привлечат и купувачи од странство.

Од друга страна, македонските потрошувачи продолжуваат активно да купуваат и од странски е-продавници, при што во првиот квартал реализирале онлајн трансакции во вредност од 6,747.31 милиони денари, односно 109.71 милиони евра, што претставува раст од 20.3% во однос на истиот период минатата година.

 

Број на реализирани онлајн трансакции

Покрај растот на вредноста, продолжува да расте и бројот на онлајн купувања. Во првиот квартал од 2026 година биле реализирани 7,662.7 илјади онлајн трансакции, што претставува раст од 16.4% во однос на истиот период минатата година.

Притоа, кон македонските е-трговци бројот на направените е-трансакции изнесува 3,966.7 илјади и е за 17.5% повеќе во однос на истиот период лани.

Најголем пораст на бројот на направените е-трансакции од 44.4% е забележан од странски иматели на платежни картички кон домашни е-трговци, што дополнително го потврдува зголемениот интерес на странските купувачи за македонските онлајн продавници.

Во меѓувреме, домашните иматели на платежни картички кон странски е-трговци реализирале 3270.6 трансакции, што претставува раст од 12.2%.

 „Податоците за првиот квартал од 2026 година потврдуваат дека е-трговијата во Македонија продолжува стабилно да расте. Двоцифрениот раст и на вредноста и на бројот на онлајн трансакции покажува дека дигиталното купување станува сѐ повообичаен избор за потрошувачите. Особено охрабрува фактот што расте купувањето кај домашните е-трговци, како од домашните, така и од странските купувачи. Растот од над 32% во вредност и над 44% во број на трансакции од странски картички кон домашни е-трговци е показател дека македонските компании стануваат поконкурентни и надвор од домашниот пазар. Во исто време, анализата покажува дека просечната вредност на трансакциите кај домашните е-продавници благо се намалува, што укажува дека потрошувачите купуваат почесто. Тоа е позитивен сигнал дека онлајн купувањето станува дел од секојдневните навики, а не само канал за повремени или поголеми набавки. Дополнително, позитивен сигнал е што во текот на првото тромесечје се регистрирани 59 новоотворени онлајн продажни места. Тоа покажува дека сѐ повеќе компании ја препознаваат е-трговијата како можност за раст и инвестираат во сопствено дигитално присуство, со што се збогатува понудата за домашните потрошувачи и се создаваат подобри услови за понатамошен развој на секторот. Овие резултати се дополнителен поттик да продолжиме да работиме на подобрување на условите за е-трговија, зголемување на довербата во дигиталните плаќања, поддршка на домашните компании и создавање поконкурентен дигитален пазар.” – вели претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска Станков.

Просечна вредност на трансакција

Иако вкупната вредност на онлајн купувањата продолжува да расте, анализата покажува дека просечната вредност на една трансакција кај домашните е-продавници благо се намалува.

Кај трансакциите од домашни картички кон домашни е-трговци, просечната вредност се намалила од 36 на 35.3 евра односно за 2.2%. Овој тренд е во согласност со фактот дека бројот на трансакции ( кој бележи раст од 17.5%) расте побрзо од нивната вкупна вредност ( која бележи раст од 15%), што укажува дека македонските потрошувачи трошат помалку по трансакција кај домашните продавници. Кај странските картички кон домашните е-трговци, просечната вредност се намалила од 41.3 на 37.9 евра (што представува намалување од 8.2%), што исто така укажува дека странските купувачи реализираат повеќе поединечни купувања.

Спротивно на тоа, кај трансакциите од домашни картички кон странски е-трговци, просечната вредност пораснала од 31.3 на 33.6 евра, што претставува пораст од 7.3%.

Вкупно, просечната вредност на една онлајн трансакција изнесувала 34.7 евра, што претставува раст од 1.5% во однос на истиот период минатата година.

Нови отворени е-продавници

Во текот на првото тромесечје од 2026 година, регистрирани се 59 новоотворени онлајн продажни места, што претставува значаен показател за зголемена понуда и заинтересираност на бизнисите да влезат во е-просторот.

Овој тренд упатува на сѐ поголема свесност кај трговците за потребата од присуство на интернет пазарот, како и на поволни услови за развој на онлајн продажбата.