Адвокатот на директорката од Демир Хисар го повика Мицкоски да ги слушне доказите, а не „партиските небулози“

Адвокатот на разрешената директорка на училиште во Демир Хисар, Маја Лозановска, која полициски началник сакаше на носила да ја води во полициска станица на информативен разговор, го повика премиерот Христијан Мицкоски утре да следи што ќе се случува и по презентираните докази ќе му стане јасно дека се работи за „чиста партиско-политичка злоупотреба од страна на градоначалникот на Демир Хисар во пресрет на локалните избори“.
„На денешната изјава на Премиерот Христијан Мицкоски вo врска со работењето на директорката на СОУ ‘Крсте Петков Мисирков’ од Демир Хисар и наводните причини за нејзино разрешување, со оглед дека изјави дека будно ги следел случувањата, го повикувам утре (12.08.2025), будно да ги следи медиумите со цел да се увери во небулозите кои очигледно му ги серевира локалниот огранок на ВМРО-ДПМНЕ во Демир Хисар под палката на градоначалникот на Општина Демир Хисар. Со оглед на брзата реакција на МВР со постапувањето на сега разрешениот началник на ОВР Демир Хисар, сакам да верувам дека откако премиерот ќе ги види и чуе аргументираните докази кои потврдуваат чисто партиско-политичка злоупотреба од страна на градоначалникот во пресрет на локалните избори, исто како и МВР ќе ги санкционира постапките на своите партиски претставници во Демир Хисар“, напиша адвокатот Жарко Стеваноски на „Фејсбук“.
Премиерот Мицкоски денеска објави дека началникот кој постапил надвор од овластувањата за време на претресот во петокот, е суспендиран односно сменет. Но, Мицкоски рече и дека „треба да се констатира и да се преземат и мерки за директорката“, за која од страна на Државниот просветен инспекторат се констатирани големи неправилности, поради кои е и разрешена. „Некој треба да даде одговор во јавноста за исчезнувањето на печатите и документи од училиштето“, рече Мицкоски.