Администрацијата на Трамп пoбара од Врховниот суд дозвола за отстранување на гувернерката на ФЕД, Лиза Кук

Администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, побара од Врховниот суд дозвола за разрешување на гувернерката на Федералните резерви, Лиза Кук.
Министерството за правда побара од судот да ја поништи привремената наредба на окружната судијка Џија Коб од 9 септември, со која на Трамп привремено му се забрани да ја отстрани Кук, која беше назначена од поранешниот претседател Џо Бајден, јавија британските медиуми.
Судијката Коб утврди дека тврдењата на Трамп за наводната хипотекарна измама на Кук пред да ја преземе функцијата гувернека веројатно не биле доволно оправдани за отстранување.
Кук, првата Афроамериканка што беше гувернерка на Федералните резерви, го тужеше Трамп во август, тврдејќи дека отстранувањето било мотивирано од нејзините ставови за монетарната политика, а не од правни причини.
Администрацијата тврди дека претседателот има широки овластувања да ги отстрани членовите на Одборот на гувернери и дека судовите не можат да ја преиспитаат таа одлука.
Трамп годинава постојано го критикуваше претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел, и повикуваше на намалување на каматните стапки.
Конзервативниот Врховен суд, со шест спрема три гласови, досега застануваше на страната на администрацијата на Трамп во слични случаи на отстранување на независни функционери, но ФЕД ја означи како „уникатно структуриран и квази-приватен ентитет“.