Адеми: Гостиварските пожарникари се дискриминирани и жртви на политичките манипулации

Положбата на пожарникарите и условите во кои работат се дискриминациски и неприфатливи, оцени Фјола Јакупи Османи портпаролката на независниот кандидатот за градоначалник на општина Гостивар, Висар Адеми на денешната прес-конференција. Таа пред седиштето на Територијалната противпожарна единица укажа на сегашната состојба во која работат пожарникарите и напомена дека во програмата на Адеми предвидено е модернизирање на службата и подобрување на условите за работа.
Јакупи Османи, посочи дека објектот на ТППЕ во Гостивар е во алармантната состојба и дека му е потребна итна реконструкција.
– Пожарникарите, иако се секојдневни херои на Гостивар, се третираат како работници од втор ред: со мизерни плати, нечовечки услови за работа, застарена опрема и возила, без здравствено осигурување за дел од нив и со објект недостоен за нивната благородна мисија. Ова е состојба на дискриминација кон пожарникарите и таа е неприфатлива неправда и институционален криминал, рече Јакупи Османи на прес – конференцијата.
Таа го претстави планот на Висар Адеми како иден градоначалник, со кој, како што рече, ќе се стави крај на оваа состојба со: порамнување на платите согласно законските стандарди, здравствено осигурување за секој пожарникар, модерни возила и опрема, нови униформи секоја година, целосна реконструкција на објектот, како и инсталирање сензори за рано откривање пожар во сите јавни институции.
– Овој план ќе се реализира преку разрешување на партиските директори, намалување за половина на непродуктивната администрација и пренамена на буџетот кон суштинските услуги за граѓаните – како пожарникарите, чистотата и одржувањето на улиците. Пожарникарите повеќе нема да бидат жртви на неспособноста и политичките манипулации. Тие ќе имаат достоинство, соодветни услови за работа и правични плати, беше истакнато на прес-конференцијата.