Адеми: Децата да се вакцинираат зашто нема да ги запишуваат во училиште


Министерот за образование и наука Арбер Адеми апелира до родителите да ги вакцинираат децата по вчерашната одлука на Владата за примање на документите за упис на првачиња при што  ќе бидат запишани само тие со потврда дека ги примиле задолжителните вакцини.

Адеми најави дека ќе се следи состојбата и ако има потреба покрај теренска вакцинација ќе се отворат и пунктови за вакцинирање во училиштата во интерес на јавното здравје, со оглед на прогласената епидемија на морбили.

На седницата на Владата се дискутирало за повеќе модалитети, но како што наведе Адеми, се соочуваме со две темелни вредности загарантирани со Уставот – правото на образование што е загарантирано, задолжително и бесплатно и правото на здравје на секое дете односно граѓанин.

-Имајќи предвид дека се соочуваме со епидемија и со сериозни околности донесовме конкретни заклучоци дека училиштата мора да ги примат пријавите за упис од страна на родителите за упис на нивните деца како првачиња во  училиштата, но запишување ќе има исклучиво за децата за кои ќе се достави соодветна потврда дека ги примиле задолжителните вакцини. Се соочуваме со епидемија и во вакви околности навистина треба сериозен пристап од страна на сите институции, рече Адеми. Апелирам до сите родители да ги вакцинираат нивните деца и со ваквиот пристап да помогнат и да придонесат за јавното здравје, рече Адеми.

Во коментар на евентуалните случаи ако не се достават задолжителните вакцинални картони, Адеми  се повика на решение на Уставниот суд од пред неколку години дека не станува збор за дискриминација ако како услов за следење на образовниот процес се бара доставување на потврда дека децата ги примиле задолжителните вакцини.

-Со Министерството за здравство ќе ја следиме состојбата, ако има потреба за теренска вакцинација, но и отворање пунктови во училиштата каде што ќе биде полесно и подостапно примањето вакцини. Се соочуваме со епидемија, ситуацијата е сериозна и потребен е сериозен пристап и примена на законските прописи, наведе Адеми.

Одговарајќи на новинарско прашање министерот за образование посочи дека се предвидени казни кога детето не е дел од основното образование. Затоа треба да се подигне свеста, треба да имаме доверба во институциите и во здравствениот систем за да се вакцинираат децата затоа што сите ја знаеме состојбата. И во моментов додека зборуваме во здравствените установи има деца кои се соочуваат со овој проблем, посочи Адеми.