Ислам Абази излезе од анонимноста, негира дека е политички избран
Абази самиот потврди дека немал програма за работа, но бил во комуникација со обвинителите и успеал да ги увери дека е добар избор за функцијата
Новоизбраниот шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Ислам Абази, за првпат се појави пред јавноста и се заблагодари на своите гласачи-обвинители кои го избраа. Вети борба против организираниот криминал и корупција и рече дека искуството го црпи од повеќе програми, проекти и работни групи во кои учествувал.
Абази, кој е од родното село на Али Ахмети, Зајас, негираше дека има блиски врски со лидерот на ДУИ. Тој негираше и дека има нешто со ДУИ, порачувајќи дека јавнообвинителската функција е неспоива со вршење на друга јавна функција или со членување во одредена политичка партија.
„Никогаш не сум бил член на политичка партија. И во моето досегашно работење никогаш не сум оставил впечаток дека јас сум имал некакви релации или позиции со политички партии. Можеби сме се сретнале со господинот Али Ахмети, ама лично контакти немаме. Го познавам како мој соселанец. Дружбата со такви личности не е забранета, ама е непристојна. Мене не ми е забрането да се дружам со некој политичар ако тој не е учесник во некаква постапка или ако нема кривично дело против него“, изјави Абази.
Тој се пофали дека правел анализи за кривични предмети за сериозен криминал и корупција, но кога беше прашан каква му е анализата зошто за 20 години владеење на ДУИ ниту еден функционер на партијата раководена од неговиот сограѓанин Ахмети, не бил кривично гонет, рече дека не бил во допир со такви кривични дела и не правел такви анализи.
Абази самиот потврди дека немал програма за работа, но бил во комуникација со обвинителите и успеал да ги увери дека е добар избор за функцијата. Рече дека големите предмети на ова обвинителство допрва ќе ги запознава.
„Колегите во мене препознаа човек кој ќе биде успешен и праведен. Им благодарам“, рече Абази.
„Учесник сум во изработка на многу закони, сега сум во работна група за конфискација на имот стекнат од криминал”, кажа новиот шеф на најважното обвинителство, во насока на тоа дека обвинителската фела го знае, а проблематиката која се нафати да ја работи не ме му е непозната.
Абази вети дека ќе биде транспарентен. Дружење, рече, може и со функционери, но ако не се учесници во постапка. Приоритет за него ќе биде да се пополнат празните обвинителски места, како и тие на истражителите.
Инаку, во досегашната кариера Абази нема работено речиси ништо со корупција и со организиран криминал.Биографијата на Абази на судскиот портал, според она што објави телма, е скромна и содржи само 35 пресуди и судски одлуки. Првата која се појавува е за неговата тужба против Обвинителството и заедно со уште две колешки во 2015-та барал да му се исплатат дневници за дежурства. Процесот го добил, обвинителството му исплатило над 57 илјади денари за заостанати дневници, а Абази бил еден од десетината обвинители кои ја тужеа својата организација. На крај дневниците си ги добија сите, и оние што не тужеа и оние што тужеа. Кариерата ја почнал како обвинител во Кичево каде бил 20 месеци основен, па потоа бил избран за виш обвинител. Речиси девет години бил во Вишето јавно обвинителство, и како обвинител и последните 4 години како раководител.
Само во два случаи (како виш обвинител) гонел функционери , и тоа на ниско ниво. Станува збор за кривичен процес против директор на ХЕЦ Маврово за злоупотреба од околу 30 илјади евра. Тој процес на Вишото обвинителство прво го изгубил, но потоа во повторување на постапка го добил предметот како виш обвинител.И во Кичево како основен обвинител има гонето за злоупотреба на службена положба во 2012-та, но гонел директор на приватна фирма која што злоупотребила државна помош за вработување на хендикепирани лица. Предметот не го довршил, туку се откажал од обвинението и го препратил случајот на граѓанска постапка.
Меѓу големите предмети во судскиот портал е тоа што како Виш обвинител се спротивставил на тужбата на двајца осудени за убиство кои добиле 40-годишни затворски казни. Убиството било во Тетово, а обвинителот Абази успеал да ја добие битката на апелација и да бидат отфрлени тужбите на осудените, со што останале важечки 4-децениските затворски казни за убиство извршено во ноќен клуб полн со стотина посетители.
Ссоцијалните мрежи два дена вријат од незадоволство поради неговиот избор со коментари дека ДУИ си добил шеф на обвинителство за гонење на организиран криминал, прво заради потеклото на Абази од Зајас, а потоа и заради тоа што првата честитка за изборот му стигна од функционер од ДУИ, заменик-министерот за правда Агим Нухиу.